Денес нешто повеќе за контрадикторностите и апсурдите помеѓу формата и содржината на социјалдемократијата во Република Македонија, и еден мал хронолошки преглед(причини и последици) на распадот на СДСМ. Прво прашање што на овој план се наметнува е каков е составот и дијапазонот(опфатот) на левицата во Македонија: Може да се каже дека има три групации. Првата, е левичарско-центристичка политичка групација составена од СДСМ, НСДП, ЛДП, Партијата на Власите, Партијата на пензионерите, Партијата на зелените. и др. Втората е партијата Левица, и трета, секако е неизбежната ДУИ. Овде, од разбирливи причини, ја коментирам само првата групација. Така, гледате дека рамката е доста широка и голема, ама содржината, за жал, внатре е празна. Има голема разединетост, а односите се конфузни. Како резултат на таквата состојба, настапите на опозициската левица(СДСМ и коалицијата), на политичката сцена и во широката јавност се сведуваа/т на празна реторика, неосмислени прес-конференции и досадни, а напати и нмогу чудни, соопштенија. И тоа е се! Долго време, 7-8 години додека левицата беше на власт, а според мене, богами и од порано, многу порано, уште од времето кога СДСМ прогласуваше вонредна состојба и најавуваше вонредни мерки(2009г.), СДСМ е со намален углед, има програмска дезориентираност(која предолго трае), покажува кадровски дефицит и голем број на организациони пропусти, слабости и недоследности.
Тоа беше времето на Бранко Црвенковски, кој со политиката на отпор ги промовираше слоганите “Време е за нов почеток….Време е за работа….Време е за нови политички битки…“. Паметиме, се работеше за тотално погрешна стратегија, да се даде нов лик на партијата со стар лидер, па така враќањето на старата слава изостана, а партиската криза продолжи, па дури и се продлабочи. И тогаш, а и сега, не можевме да видеме нешто ново, нешто свежо, нешто иновативно од левицата(СДСМ и др.). И пред 15г. и денес недостасува сериозна социјалдемократска платформа, платформа која нуди промени и менување на СДСМ, партиски реформи и што е мнногу битно приспособување на новото време и на предизвиците што тоа ги носи.
Некаде пред Локалните избори 2013-та СДСМ буквално почнува да пука по сите партиски шавови и почнува распадот. Изборите се губат, во јуни на 14-от конгрес, се бира нов лидер, Зоран Заев, а нешто подоцна, на 15-от конгрес се бира и заменик претседател, нова недефинирана политичка и партиска функција, која и припадна на Радмила Шекеринска. И со новиот лидершип СДСМ доживеа пораз, како на парламентарните избори во 2014-та, така и на изборите во 2016-та. Се покажа дека новото партиско раководство не донесе ниту кадровско, ниту пак програмско освежување. За нивно време СДСМ изгуби секаква идеолошка нитка, т.е нивната социјалдемократија, не само што ги загуби класичните вредности на социјалдемократијата, туку не успеа да ги воведе и веќе новите вредности, покажани и докажани во западноевропските социјалдемократии. Арно ама со интриги, манипулации и подметнувања, и дебело потпомогната од ДУИ, СДСМ доаѓа на власт и без да победи на парламентарните избори. Тоа се покажа како катастрофална грешка на Заев, Шекеринска и СДСМ во целост. Во 2017г. на локалните избори СДСМ настапува со слоганот “Живот во Македонија за сите“, што беше една измама(“варијација на тема“), т.е. еден вид продолжување на кампањата и политиката на програмата “Едно општество на сите“, програма со која СДСМ ги изгуби Парламентарните избори 2016г. Во сето тоа немаше ништо од нови идеи, нови размислувања, немаше конкретни проекти, па успехот на локалните избори беше само залажување и купување на време. СДСМ не покажа спремност и храброст да ги отстрани дотогашните слабости и слабостите кои ги пројави во практикување на власта од 2017-та, па стана уште повеќе ранлив, како пред членството, така и пред избирачкото тело.
Вистината и реалноста болат, ама тоа се непобитни факти за практицирањето на власта од страна на СДСМ, заедно со ДУИ. Во првата фаза од таа криза, Зоран Заев направи непоправливи грешки, како со Спогодбата со Грција(кога “храбро“ се откажа од името Република Македонија), така и со Договорот со Бугарија, со кој едноставно не понижи како држава, народ и нација. Тоа издавање на националните и државните интереси на Македонија, го продолжија и Димитар Ковачевски, како лидер на СДСМ кој го наследи Заев, и Стево Пендаровски, Претседател на Република Македонија, кои срамно се откажаа од Гоце Делчев и македонската историја, во корист на Бугарија. Прифаќањето на т.н. “Француски предлог“ како рамка за преговори со ЕУ, беше капак на се. Тогаш, народот почна да се буди и ја започна својата граѓанска офанзива за враќање на националниот дигнитет и државниот углед. Така почна стрмоглавиод пад и неповратниот распад на СДСМ. Од 2020г. на СДСМ и се случија институционална корупција, непотизам, кронизам, партиско покровителство на институциите, организиран криминал, афери, скандали, и се отиде во неповрат. Згора на се, во серија се изгубија локални избори(2021г. и 2025г.) и парламентарни и претседателски избори(2024г.), и падот од власт беше неминовен, а моралниот распад евидентен. Има еден Чашулевски израз “Боли и кога не боли!“, кој сега е многу карактеристичен за СДСМ и за најновиот лидер на СДСМ, Венко Филипче. Така е кога се приграбуваат привилегии, моќ и функции, без легитимитет од народот, т.е. без да се победи на избори(духот на Заев и после пет години од оставката шета во/низ Бихаќка). Тоа во науката се вика “Проклетство на победникот“, кога се работи за победник кој не е победник, туку обичен губитник. Бумерангот е неминовен, ама и погубен – те удира во глава и паѓаш како покосен(метафора за паѓање од власт). СДСМ го живее времето кога угоре и е високо, а удолу длабоко. Позади и е тврд ѕид, а за напред се нема лидерство. Партиското бреме претешко, нигде нема ладовинка или сенка за почивка. Времето одбројува, а треба да се дејствува, енергично и соодветно, за да се најде излез. Моменталниот безизлез убива во поим.
И сега што да се каже? На СДСМ и недостасуваа/т разбирање(дијалог со политичките субјекти, и социјален дијалог со граѓаните), одмереност(во говорењето, настапите, однесувањето и ветувањата пред граѓаните) и визија(за социјален раст и економски развој на државата и општеството). Што ќе се рече, на Македонија и е потребна СДСМ со поинаква социјалдемократска матрица. За тоа се потребни цврста и модерна платформа, со конкретни и храбри чекори, преку кои политичката и партиската апатија, рамнодушноста и безнадежноста на членовите на СДСМ ќе се надминат, и со еден нов елан и нова енергија ќе се отпочнат нови политички битки.
Дотогаш, држи констатацијата – македонската социјалдемократија е на издишување. Под итно да се повика Маркс! – Или стравот од губење време за однапред пропадната работа е преголем!?
Во животот и дејствувањето на секоја политичка партија доаѓаат моменти, кога нејзини лидери се погрешни луѓе, или никој не сака да го запоседне партискиот врв. Тоа се моменти кога владеат услови на “крвав театар“, кога сите се “партиски непријатели“, море и “квислинзи“, недобронамерници… А потоа, одеднаш тишина, мртва пост-конгресна тишина. А тишината е смртоносна за било која политичка партија.
За денес завршувам со сктот на судбина во античка смисла: Дали македонскиот пример на социјалдемократија е слепа улица – ќор политички сокак? Или можеби е мртва буква на хартија?
(продолжува)
Сотир Костов
