Македонија Воената пресметка на САД и Изреал против Иран го потресува светот

Анализа на Костов: 2026.г – Светот денес!? Геополитичка/геостратешкa навигација во магла, можна ли е? (2.ДЕЛ)

 Дали во Иран е отворена воената Пандорина кутија?

Која стратегија ќе победи: “Анаконда“ или “Притисок преку ескалација“?

Ќе доживее ли успех “Иранската стратешка матрица“?

Или пак ќе надвладее единствениот команден систем на САД и Изреал.

Анализа на Костов: 2026.г – Светот денес!? Геополитичка/геостратешкa навигација во магла, можна ли е? (2.ДЕЛ)

Светот навлезе во време на крвави пресметки 

Денес пред било што да напишам за темата сакам да ја потенцирам потребата од мир. Повеќе од се ни треба мир. Ни треба мир за сите луѓе во светот. Тоа подразбира воените конфликти да престанат, а оружјето да замолчи. Ова е еден вид мое парафразирање на познатата пацифистичка и хумана мисла на Џон Кенеди, кога во еден свој говор јасно истакна дека на американците не им треба Пакс Американа, кој тие го наметнуваат со оружје и не им треба мир само за нив, туку мир за сите мажи и жени во светот. Арно ама да не заборавиме дека недолго после тоа, Кенеди беше убиен во Далас, а САД ги започнаа десетиците војни, државни удари, обоени револуции, што беа крвави обиди за уништување на цивилизации кои постојат со илјадници години.

И така, светот во 2026 г. навлезе во голема светска криза. Кризата на доверба, на отворен дијалог, на преговарање и договарање, се претвори во воена криза. Ама не е само таа криза: енергетската и финансиската криза веќе чукаат на сите врати. Се почна со Венецуела (упад на специјалци на САД во оваа држава) и киднапирањето на претседателот Николас Мадуро. Потоа следеа заканите на Доналд Трамп за окупација на Гренланд, за да сета таа тензија и напнатост финишира со воздушна инвазија на Израел и САД врз Иран.

 

Воената Пандорина кутија е отворена 

На тој начин се отвори мрачната воена Пандорина кутија и преку ноќ земји од три континенти се инволвираа (некои беа вовлечени) во воени судари. Станува збор за исклучително сериозна воена криза. Американско-Израелските напади врз Иран предизвикаа иранска интензивна офанзива. Иран со балистички ракети и дронови го нападна Израел, но и воени бази, амбасади и конзулати на САД во заливските држави.

Така, меѓу другите цели Иран ги гаѓаше и погоди голема фабрика за гас во Катар, рафинерија на нафта во Саудиска Арабија, воена база на САД во Кувајт и голрм аеродром во ОАЕ (Обединетите Арапски Емирати). Така тензиите, нападите и бомбардирањата драматично ескалираа. Преку директни офанзивни операции Иран нападна девет држави (Јордан, Кувајт, Катар, Бахреин, Саудиска Арабија, ОАЕ, Ирак, Кипар и Азербеџан).

 

Стратегија “Анаконда“ против стратегија “Притисок преку ескалација“ 

Нападот на САД и Израел врз Иран се спроведе со стратегија “Анаконда“. Тоа е сестран максимален притисок на политички, воен, економски, финансиски и психолошки план. Сведоци сме на едно цврсто стратешко партнерство помеѓу Изреал и САД, кое на воен план дејствува како единствен оперативен систем. Очигледно е дека сето тоа е со години планирано, направена е оперативна поделба на задачите на военото поле, а се се планира и управува преку заеднички команден центар.

Изненадувачки, ама Иран одговори со стратегија “Притисок преку ескалација до можно примирје“. За таа цел Иран молневито ја прошири зоната на конфликтот и драстично ги зголеми трошоците на САД и Израел. Целта е да се убедат дека не можат да ја добијат оваа војна. Дали?

Да не заборавиме дека Иран е политички и морално банкротирана држава. Tоа е држава приклештена помеѓу две структири: првата, е внатрешна структура, а тоа е теократскиот режим, а втората, е надворешна структура, САД и Израел, како напаѓачи, агресори и еден вид светски полицајци. На прв поглед Иранскиот народ како да не знае што го снашло и што треба да прави. Ама сепак тој народ памети што претходно се случуваше во Ирак, Сирија, Либија и Авганистан. Таму не помогнаа ниту разни “пролетти“, ниту пак “обоени револуции“.

 

Може ли “поделена држава“ да го обедине својот народ?

Иран е еден вид “поделена држава“ (т.н. Cleft Countriest)) факт што САД и Израел сакаат да го искористат. Арно ама, Иран и покрај сите проблеми успева, сега за сега, да одолее на воените напади од страна на САД и Израел. Иранската револуционерна гарда се обидува да парира и предизвикува криза околу Ормутскиот теснец, кого го затвора за пловидба. А сведоци сме и на понатамошна разработка на стратегијата на асиметрична војна (“Иранска асиметрична матрица“), па така преку “Oперација лудак“, Иран ја проширува војната на целиот Блиски Исток. За таа цел Иран го напаѓа петро-доларот, постројките за вода и го спречува дотурот на храна во арапските монархии во заливот. Покрај тоа Иран повторно ги активира терористичките групи што ги поддржува, организира и финансира како што се Хезболах(Либан), Хамас(Либан), Хути(Јемен) и шиитските полиции во Сирија и Ирак. Од тие причини состојбите во Сирија и Ирак се доста конфузни бидејќи таму се судираат и прекршуваат интересите на Кина, Русија, Турција и Израел. На сето ова кога ќе се додаде и падот на азиските берзи, а потоа и на европските, на штетните последици од конфликтот како да им нема крај.

 

Ќе успее ли Иран во наметата со својата “Стратешка матрица“ да не ја изгуби војната?

Како и да е Иран во првите десет дена од војната успева некако да ја одржи својата “Иранска стратешка матрица“, која подразбира обединување на нацијата, активирање на сојузите (“осовини на отпорот“) и влијание врз глобалното мнение. На тој план војната е претставена како религиска војна при што знаеме дека иранците се шиити-едвај 10% од арапската популација. Тие убиениот нивни верски водач Хамнеи го претставија како маченик, водач кој се жртвувал за својот народ, па затоа тие за освета ќе водат “света војна“.

Како што напишав, паралелно со воената криза се одвиваат нафтена и гасна криза, кои исто така нанесуваат голема штета, бидејќи брзо ескалираат и зафаќаат држави и континенти. Европските држави овој пат не се со Трамп во воените напади врз Иран. Од воените бази на Велика Британија не полетуваат американски воени воздухоплови, Шпанија не дозволи нејзините бази да поддржуваат нападни операции против Иран, а Франција е повеќе од загрижена за судбината на блискиот Исток. Во една таква ситуација глобалниот пазар на гас е целосно разнишан и во Европа први на удар се најдоа Белгија и Полска, ама и Франција, Италија и Германија. Залихите на гас се мали и кај Холандија, Шведска, Хрватска и Летонија, па така и кај нив гасната криза чука на врата. Во ваква наметната кризна состојба, најмногу профитираат сопствениците на танкери кои превезуваат гас. Тие без никаков деловен морал, танкерите договорени од една држава (Франција) ги упатуваат во друг правец, под изговор дека “азискиот купувач понудил повеќе“. Покрај нив големи добивки имаат и извозниците на течен гас од САД и фирмите на рускиот енергетски бизнис. И сега, зошто се води оваа наметната војна? За да се добијат енормни профити по принципот “кој дава повеќе“, или пак, да се окупираат туѓи нафтени извори и гасни постројки, а нај накрај и за територијални распределувања (распарчување на постојни држави и создавање на нови). Спред актуелните состојби, како да сите варијанти се во игра. Тоа е еден вид психолошки притисок, кој веќе премина во психолошка криза, која носи голем страв и национални трауми, како за регионалната безбедност на секоја држава посебно, така и за регионалната и сеопшта светска сигурност.

 

(продолжува)

 

Сотир Костов

 

Најнови вести од Македонија

To top