Македонија тажно лицемерие

АНАЛИЗА НА ХИПОКРИЗИЈАТА: По 20 години кандидатски статус и десетици БЛОКАДИ, Македонија била „ТАЖНА ПРИКАЗНА“?!

Многу тажна прикаска, за двојните аршини, билатерализацијата на евроинтеграциите, за блокадите, за аздисот, за правото на посилниот и член на клубот… 

Да, тажна прикаска за нечие лицемерие…

АНАЛИЗА НА ХИПОКРИЗИЈАТА: По 20 години кандидатски статус и десетици БЛОКАДИ, Македонија била „ТАЖНА ПРИКАЗНА“?!

Македонија, да ти била дел од балканските тажни приказни. Така, барем, вели еврокомесарката за проширување Марта Кос, која испушти да каже/заборави зошто Македонија 20 години е во „чекалната“ на ЕУ. „Заборави“ да ги спомне и дузината ВЕТА од Грција и дека уште од 2009-та година имавме јасна препорака на ЕК во Брисел за отпочнување преговори, кои цели 10 години не се реализираа тогаш поради Атина, за да палката од 2019-та ја преземе Бугарија и официјална Софија од 2019-та па навака (протежирана од Франција и дузина други ЕУ членки), не блокира со барања за смена на историја, не ни признава нација, јазик, ни краде револуционери, цареви и дејци (со едногласни, собраниски декларации), но за неа ние сме биле тажа приказна. Не спомена ни дека насила и без почитување на гласот на народот ни сменија и име на држава за да влеземе. Требаше веднаш по промената. Ако заборавиле, можеле да го прашаат Заев. Не споменаа ни зошто ниту еднаш не го демантираа ајвароносецот кој минимум 100 пати ги „почна преговорите со ЕУ“, уште од 2018-та со дигнатите палци во авиончето со Димитров, Османи и Анѓушев…

За вината за нивото на „тажнотијата“ на прикаската, никому ни збор. Ниту за тоа дека кога станавме кандидати бевме 10 пати поспремни од Бугарија и 20 пати поподготвени од Романија. Битно, сега Украина да почнела и да одела по наш урнек, немало да влезе во ЕУ пред 2045-та. Станавме пример за чекање, за кој до вчера беше Турција. Иако, Украина сепак можела да влезе со Албанија и Црна Гора во 2027-та…

„Доаѓам од Словенија, која порано беше дел од оваа територија во поширока смисла. Значи, во некои аспекти, регионот беше подобар пред 20 години отколку што е денес. И има две или три многу тажни приказни. Една од нив е дека Косово не може да оди напред. Друга тажна приказна е Македонија. Знаете, ако требаше да чекаме со Украина додека Македонија чека почеток на преговори, Украина би ги започнала преговорите во 2045 година. И, секако, тука е и Босна и Херцеговина“.

„Можеме да го направиме тоа со Црна Гора. Сите поглавја се отворени, па затоа ги затвораме за да можеме да го завршиме процесот на крајот на 2026 година од техничка гледна точка“, рече Кос. Нив, заборави таа, никој не ги блокираше.

Таа нагласува завршување на преговорите со Албанија за 2027 година (и неа никој не ја блокирал, замислете), но посочи дека е важно двете земји да продолжат со спроведување на реформите покрај завршувањето на техничкиот дел од процесот на пристапување, бидејќи одлуката дали една земја може да стане членка на ЕУ на крајот ќе зависи од тоа. За нас важеа и важат други правила, поинакви Копенхагеншки, сега софиски, порано атински критериуми…

Таа не ја отфрли можноста Молдавија, па дури и Украина, да станат дел од овој процес, па затоа смета дека до 2029 година ЕУ би можела да има „повеќе од две нови членки“.

Тогаш, Македонија ќе има 22 години кандидатски статус, сите реформи и хармонизации на закони завршени пред сите гореспоменати, но со разлика што останатите никој не ги блокира/ше.

Точно. Полн погодок е фразата ТАЖНА ПРИКАСКА.

Многу тажна прикаска, за двојните аршини, билатерализацијата на евроинтеграциите, за блокадите, за аздисот, за правото на посилниот и член на клубот…

Да, тажна прикаска за нечие лицемерие…

Најнови вести од Македонија

To top