Анализа на Роберт Аџипетров, директор на Педагошка служба при МОН
Долго време јавноста живееше со впечаток дека образованието е оставено на маргините на политичките приоритети, а Министерството за образование и наука служеше за политичко поткусурување на партиите. Родителите секоја година се соочуваа со хаос на почетокот на учебната година – учебници кои не беа стигнати, наставни планови кои се менуваа без јасна визија, проекти што се најавуваа, но никогаш не се реализираа. Наставниците чувствуваа дека се оставени сами да се снаоѓаат, а учениците беа најголемите жртви на таа неодговорност.
Денес гледаме еден поинаков пристап. Гледаме враќање на сериозноста, план и одговорност во образовната политика. Ова не беше само формална промена на раководството, со професор д-р Весна Јаневска за министерка за образование, туку вистинска промена на начинот на работа и на односот кон учениците, наставниците и родителите.
Најјасниот симбол за оваа промена е почетокот на учебната година со навремено обезбедени учебници. За првпат по цели седум години, секој ученик доби учебник на првиот училишен ден. Вредно за напомена е дека по исто толку години, денес има и учебници за сите странски јазици. Тоа можеби изгледа како нешто што најнормално, но сите добро знаеме дека тоа со години беше недостижна цел. Овој потег не е само логистичко решение – тоа е порака до сите граѓани дека државата е тука за нив и дека институциите ја преземаат својата одговорност.
Паралелно, МОН вложува сериозни средства во инфраструктура. Во тек се триесет и шест големи проекти за изградба и реконструкција на училишта, како и околу четириесет помали за санации и поправки. Секоја реконструирана училница и секое ново изградено училиште претставува инвестиција во иднината на младите генерации, но и сигнал дека образованието конечно добива приоритет.
Посебно значајна е и реформата со воведувањето на едносменско наставување во повеќе од 140 училишта. Овој модел овозможува подобри услови за наставниците и учениците, создава простор за поквалитетна настава и поефикасна организација. Наместо двосменско работење кое со години создаваше пренатрупаност и хаос, се воведува поуреден систем којшто ја става наставата во фокусот.
Друг важен исчекор е ангажирањето на над илјада образовни асистенти. Тоа покажува дека државата не мисли само на „просечниот ученик“, туку и на оние на кои им е потребна дополнителна поддршка. Оваа мерка е практична, хумана и ја прави наставата поинклузивна. Таа испраќа порака дека секое дете е важно и дека никој нема да биде оставен зад себе.
Не треба да се занемари ниту фактот дека Министерството почна со суштинска реформа на наставните програми. Учениците во седмо одделение учат по учебници изработени по нова наставна програма, а веќе во тек е и конкурсот за учебници за осмо одделение повторно по нови наставни програми. Она што е посебно важно е што се враќа сериозноста на предметите што претходно беа непромислено споени. Паралелно на ова има нови наставни програми и во прва година средно гимназиско образование по цели дваесет години, а за многу бргу ќе има нови и за втора година гимназиско образование. За разлика од „до сега“, реформите не се прават набрзина и без анализа, туку внимателно и со консултација со експерти.
Започнат е и процесот на измена на клучните закони во образованието – за основно и средно образование, за стручно образование, за образование на возрасни, за национална рамка на квалификации, за учебници, просветна инспекција итн. Измените се неопходни за да се создаде стабилен систем кој ќе биде отпорен на политички промени и ќе обезбеди предвидливост и континуитет во образованието.
Во финансиска смисла, Министерството ги расчисти и долговите што беа наталожени во минатото. Исплатени се заостанати стипендии и награди, обезбедени се средства за наставнички плати, а се покриени и транспортните трошоци за учениците. Наставниците добиваат повисоки плати, а растот заклучно со 2028 година ќе биде најмалку 46%, како потврда дека вклучените во образованието конечно се третира со сериозност и одговорност.
Сето ова покажува една нова филозофија: образованието не се третира како терет за државата, туку кон образованието се приоѓа како кон најголема инвестиција во нејзината иднина. Кога учениците учат во добри услови, кога наставниците се поддржани, кога законите се јасни и предвидливи, тогаш целото општество добива. Владата, а особено министерството водено од проф. Јаневска покажуваат дека со јасен план, со сериозен пристап и со искрена посветеност може за кратко време да се направи голем исчекор. Тие ја вратија довербата во системот кој со години беше поткопуван со што јасно се покажа дека наградата на политичарите не е во аплаузите, туку во животот што ќе го направат подобар за сите.
Пред нас се локалните избори, и тие ќе бидат момент кога ќе одлучиме дали сакаме оваа позитивна промена да продолжи. Образованието е темел на секоја заедница, а заедниците имаат потреба од раководства кои ќе бидат партнери на овие реформи.
Денес можеме да кажеме: образованието повторно е приоритет. Тоа не е само политичка парола, туку реалност што секој ученик, наставник и родител веќе ја чувствуваат. И тоа е најдобриот доказ дека вистинските промени започнаа.