Македонија далеку од очите, блиску до срцето

АНАЛИЗА: ,,Колку и да е далеку, во тешки моменти дијаспората е најблиску‘‘

Кочанската трагедија е само еден доказ за потребата за обновување и засилување на врските со иселениците низ низа активности и мерки.

АНАЛИЗА: ,,Колку и да е далеку, во тешки моменти дијаспората е најблиску‘‘

 

            ,,Нудаме бесплатно сместување и превоз за роднините на повредените во Грција, Турција, Србија, Бугарија, Шпанија, Полска….итн‘‘. Стотици и стотици објави и понуди за помош од дијаспората во моменти кога семејствата на настраданите и повредените ги преживуваат најтешките моменти од трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани, која однесе 59 млади животи, а стотици повредени се лечат во странство.

Токму на маката се гледа важноста не само од пријателските земји и народи, туку и бројната дијаспора која живее таму.

Трагедијата е само еден доказ за потребата за обновување и засилување на врските со иселениците низ низа активности и мерки.

Годините на недоволна комуникација придонесоа на последниот попис, иако електронски, да нема интерес кај иселениците ,за кои немаме ниту број, ниту каде се наоѓаат, ниту која генерација се на нивните предци кои ја напуштиле татковината.

Имаме ли стратегија и што треба да се направи?

Ако јазикот е едно од обележјата на етничката припадност, токму фокусот што Агенцијата за иселеништво го става на неговото изучување за децата, внуците, паравнуците и парапаравнуците на Македонците по потекло, е една од најважните активности. Бројни се огласите и понудите за оnline настава за сите Македончиња од 6-16 годишна возраст да го совладаат или подобрат својот мајчин и јазикот на своите предци. Според Агенцијата за иселеништво, 76 наставници по македонски јазик низ светот побарале унифициран учебник по македонски јазик по кој би предавале, со кој би ги замениле постојните работни тетратки што сами ги креирале и отпечатиле. Online наставата и таквите наставни помагала се само еден од неопходните чекори. 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик е добра прилика за негово популаризирање меѓу младите иселеници. Самото покровителство од претседателката Гордана Силјановска Давкова на годинашнава ,,Летна школа за македонски јазик‘‘ за деца од дијаспората што во август ќе се одржи во Охрид е добар чекор за напорите на државата да ги врати младите од дијаспората кон своите корени, а зошто не и во матичната земја.

Засилување на Агенцијата за иселеништво и кадровски и финансики, како и поголеми ингеренции се вториот неопходен чекор таа да стане вистински сервис за дијаспората.

Планот на новиот директор Горан Ангелов за сет мерки, даночни, царински и други поволности за да се привлечат младите да се вратат во земјата, во моменти на криза во повеќе индустрии пред се во Европа, може да го зголеми нивниот интерес.

Регистар на иселениците, иако звучи како невозможна мисија, или некоја форма на нивно регистрирање може да даде попрецизна слика, дали ги има двојно повеќе отколку населението во земјава, или таа бројка е многу поголема. Засега се калкулира со бројка од околу 700 илјади, пред се во европските земји, Северна Америка, Австралија и во поново време Нов Зеланд, и тоа Македонци родени во земјава. Ако на тоа се додадат Македонците кои се иселиле од соседните земји (географска Македонија) и нивните потомци, тогаш таа бројка е многу поголема и треба да се знае. Се работи за Македонци кои се иселувале на крајот на 19. и на почетокот на минатиот век по неколкуте големи војни и погроми, а нивните потомци се веќе петта генерација на своите предци. Агенцијата ќе има задача да воспостави контакт со нив, ќе ги информира за матичната земја, ќе воспостави бизнис релации, па и инвестиции и други видови на соработка со татковината.

Стратегијата за иселениците 2019-2023 остана само мастило на хартија, па неопходно е незино ревидирање. Во таа насока од сите посети на државниот врв  во странство и средби со иселениците треба да произлезат насоки и задачи кои ќе се делегираат на Агенцијата за нивно исполнување.

Новата стратегија ќе треба да ги содржи сите потреби, но и забелешки од иселениците за подобра комуникација со матичната држава. Пред се полесно и побрзо доаѓање до разни документи, отворање 24 часовна линија (сервис за дијаспората) за сите нивни прашања и вмрежување на сите постоечки и идни организации и друштва на македонската дијаспора. Според официјалниот регистар засега функционираат околу 700 друштва (културно-уметнички, спортски и други), како и црковните општини кои се главно место за меѓусебна комуникација на иселениците, а оттаму и линк со татковината.

Бизнис совет на дијаспората во рамките на новата стратегија, пак би помогнал за лоцирање, регистрирање и комуницирање со успешните бизнисмени – Македонци низ светот. Тој совет би придонел за промовирање на бизнис можностите во Македонија, привлекување на нивното внимание, со крајна цел инвестиции во матичната земја и враќање на дел од иселениците. Се разбира понудата од државата за бизнис дејаспората треба да биде соодветна на нивниот патриотизам од една страна и бизнис логиката од друга. Користа би била двојна и економски развој и профит, и пренесување know-how и технологии во македонското стопанство.

И на крај помошта од Агенцијата за постоечките и новите друштва во дијаспората за нивно обединување во Национални совети или сојузи, по примерот на постоечките во Хрватска, Србија, Швајцарија и други земји ќе помогне во организиран и коодиниран настап во комуникацијта со матичната држава и фокусирање на недостатците, а со тоа и засилување на соработката.

Најнови вести од Македонија

To top