Македонија

Анализа: ,,И пред и по изборите – ГАРАНЦИИ!‘‘

Анализа: ,,И пред и по изборите – ГАРАНЦИИ!‘‘

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен по посетата на Македонија, без да се соочи со новинарите брзо си летна кон Брисел, оставајќи горка порака на социјалните мрежи: ,,Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор‘‘. Веројатно пораката е протоколарна, на линија на политиката на ЕУ, без да навлегува во детали, што и порачаа од македонската влада и што се подготвува во ЕУ.

А дека нешто се подготвува е јасно кажано и од првиот човек на Европскиот Совет, Антонио Кошта и од лидерите на членките на ЕУ. Освен јавната изјава на Кошта и тоа од Софија дека на Македонија треба да и се дадат некакви гаранции за предвидливост на процесот на преговори и исклучување вето за билатерални прашања, останатите идеи, дел јавно, дел преку експертски и медиумски канали се проверуваат како ќе бидат прифатени од земјите членки и од европската јавност.

Првот обид за промена на гласањето за проширувањето од консенсус со квалификувано мнозинство пропадна. Но, таа идеја не е мртва. Истата веќе е трансформирана во квалификувано мнозинство за отворање и затворање на поглавјата, а за почеток на преговори и самиот прием во европското семејство да се одлучува со консенсус. И самите бројки за квалификувано мнозинство се тема на преговори. Колку земји членки, но и колкав процент од население ќе се земат како услов е прашање кое се уште се развива.

Последен предлог, протнат преку бриселски Политико за излез од ќорсокакот е предлогот сите нови земји членки да немаат право на вето, се до институционалното реформирање на Европската Унија. Притоа да можат да ги остваруваат сите други права како полноправни членки.

Значи, пазарот во ЕУ е во тек, а темата проширување добива на интензитет пред се поради Украина.

Интересите на ЕУ, заедно со САД се големи за оваа земја. Украина по завршување на војната ќе треба да се гради. Тоа е доволен мотив сите компании од ЕУ и САД да се ангажираат за остварување големи профити. Профити не само од обнова, туку и од преземање на бизнисите со црпење ретки минерали, нафтена и гасна индустрија, транспорт и други големи бизниси.

Желбата на ЕУ да го стави Киев на брза лента значи полесно спроведување на бизнис плановите, со помалку бирократски пречки со земја членка.

Иако реформата ,,членство без право на вето‘‘, засега не може официјално да се потврди, но истото може да се промени во блиска иднина. Идејата е наводно прифатлива и за земјите од Западен Балкан, за која Политико вели дека била оценета како конструктивна и реалистична, бидејќи редуцираното членство би било временски ограничено. Идејата е прифатлива и од правна гледна точка, бидејќи не бара промена во основачките договори на ЕУ. Дополнително би ги задоволила и тие што се против проширувањето пред се со Украина бидејќи би се направила јасна дистинкција помеѓу актуелните земји членки со новопримените.

Дека нешто се ,,тркала‘‘ зборува и информацијата за објавување на извештајот за напредокот на земјите канидати следната недела. Заедно со него ќе се објави и преглед на политиката пред проширување! Нов документ со насоки за промени што треба да спроведат во самите членки на ЕУ за да бидат подготвени да ги пречекаат новите членки.

Значи, ,,твитот‘‘ на фон дер Лајен е дефинитивно само протоколарен и само купува време додека големите играчи во ЕУ ги договараат промените.

Оттаму, сите досега спомнати идеи или нивни деривати се ставени на маса. Затоа сега не треба да се брза. Посебно што условот ,,Бугари во уставот‘‘ без полноправно членство на Македонија во ЕУ може да нанесе непоправлива штета и по минатото и по иднината на земјава. Штета каква што веќе направија Заев, Ковачевски, а сега и Филипче кој се движи по истата тенка линија над амбисот. На Софија и е јасно дека стратегијата за асимилација на Македонија преку тактиката- бугарски корени за добивање пасош, тогаш ќе изгори како кибритче.

Затоа, премиерот Мицкоски и по посетата на Претседателката на ЕК и за време на кампањата јасно и недвосмислено потенцира дека нема повлекување ниту милиметар без гаранции дека ќе нема вето и дека процесот на преговори ќе има предвидлив крај.

Затоа по завршување на изборите во следниот период ќе бидеме повторно на мета на ЕУ мисионери кои ќе ја тестираат издржливоста на владата и големото мнозинство македонски граѓани кои стојат зад овој став, односно ГАРАНЦИИ и пред и по изборите, сеедно.

ПС

Ако чекавме со децении, ќе почекаме да поминат и новогодишните и Божикните празници по кои многу работи ќе бидат појасни. Ќе бидеме на чисто дали ЕУ не сака. Дали Бугарија е главна во Брисел. Дали ЕУ е единствената перспектива или ќе се насочиме кон стратешките партнерства како тие со Велика Британија, САД, Унгарија, Турција и сите што ќе следат.

To top