Македонија АНКЕТА НА ИПИС

Аналитичарите сметаат дека следниот период ќе се зголемува разликата во рејтинзите на политичките партии и лидерите – Рејтингот на Мицкоски ќе расте, додека на Ковачевски значително ќе опаѓа

Убедливо водство на ВМРО-ДПМНЕ и раст на рејтингот на претседателот Христијан Мицкоски покажуваат последните две анкети објавени од страна на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) и Институтот за истражување на Политики и Добро Владеење – Скопје.

Аналитичарите сметаат дека следниот период ќе се зголемува разликата во рејтинзите на политичките партии и лидерите – Рејтингот на Мицкоски ќе расте, додека на Ковачевски значително ќе опаѓа

За скоро три недели и двете анкети покажуваат дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ има голема предност пред владејачката СДСМ, додека пак лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски има најголема доверба од страна на граѓаните.

Анкетата на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) објавена на крајот на месец октомври која е спроведена во период од 25 до 27 октомври на 1055 полнолетни испитаници, покажува дека доколку следната недела се одржат парламентарните избори тогаш убедлива поддршка и водство ќе има токму ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето за која политичка партија би гласале доколку следната недела се одржат парламентарните избори, дури 20,3 проценти од анкетираните граѓани одговориле дека би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, додека само 11,3 проценти од граѓаните одговориле дека би гласале за СДСМ. Разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е 9 проценти предност на ВМРО-ДПМНЕ.

На истата анкета на ИПИС, најголемо водство има и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето во кој политичар имате најголема доверба, 16.5 проценти од граѓаните одговориле дека тоа е Христијан Мицкоски, додека само 5,6 проценти доверба има премиерот и претседател Димитар Ковачевски, со што се наоѓа на третото место од анкетата, бидејќи граѓаните одговориле дека 6,1 процент одговориле дека имаат повеќе доверба во лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

И тука разликата во доверба е над 10 проценти која ја уживаат Мицкоски пред Ковачевски.

И најновата анкетата на Институтот за истражување на политики и добро владеење Скопје која беше објавена само пред неколку дена, а е спроведена телефонски во период помеѓу 5 и 9 ноември годинава на репрезентативен примерок на ниво на Македонија од 1050 испитаници покажува убедливо водство на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ пред Ковачевски и СДСМ.

На прашањето поставено на анкетата на Институтот за истражување на политики и добро владеење-Скопје за која партија би гласале доколку идната недела се одржат изборите, дури 19,5 проценти од граѓаните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, додека 12,6 проценти од анкетираните граѓани рекле дека поддршка ќе дадат на СДСМ. И тука повторно ВМРО-ДПМНЕ е со 7 проценти предност во однос на СДСМ.

16,9 проценти од анкетираните граѓани на прашањето во кој политичар имате најголема доверба одговориле одговориле дека тоа е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, додека само 9,1 процент од граѓаните одговориле дека имаат доверба во премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски. Разликата во доверба која ја ужива Мицкоски наспроти Ковачевски е речиси 8 проценти.

Но не само овие две анкети, туку изминатите години речиси сите анкети од реномирани истражувачки агенции кои го мерат јавното мислење на граѓаните за рејтингот на политичките партии и нивните лидери, покажуваат дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ уживаат најголема доверба меѓу граѓаните.

И додека рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски убедливо расте, со истата таква брзини опаѓа рејтингот на владејачката СДСМ и премиерот Ковачевски, а според аналитичарите тој во следниот период значително ќе опаѓа.

Доколку се погледнат процентите, помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и процентите помеѓу Мицкоски и Ковачевски јасно се гледа дека разликата е огромна, а според политичките аналитичари се очекува разликата да се зголемува, а ова пред се се должи на консолидирање на партијата, на отворената комуникација со граѓаните преку кампањите кои ги организираше партијата, на теренските посети на Мицкоски не само низ општините, туку и руралните средини, на објавување на скандалите на власта на СДСМ и ДУИ, но и на понудените решенија и мерки за кои како што велат од ВМРО-ДПМНЕ произлегуваат од потребите и проблемите на граѓаните, а ќе бидат дел од изборната програма за парламентарните избори.

Ваквиот тренд на раст на рејтингот навестува дека на парламентарните и претседателските избори кои ќе се одржат следната 2024 година, убедлив победа ќе ја однесат токму ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кој во интервју за порталот Република изјави дека тој ќе биде носител на првата изборна единица.

To top