Пушењето кај младите во Македонија не е прашање на личен избор, туку резултат на слаба регулатива, недоследно спроведување на законите и висока општествена прифатливост на тутунот, оцени Тамара Мијовиќ Спасова, програмска директорка на тинк тенкот „Аналитика“, која вчера се обрати на Јавната расправа во Собранието на на тема „Заштита на децата и младите од штетните влијанија од пушењето“.
Таа ги презентираше најновите истражувања и анализи на Аналитика и упати јасни препораки за законски измени и институционални интервенции со цел превенција и намалување на пушењето кај децата и кај младите.
– Во земја каде цигарите се меѓу најевтините во светот и каде малолетниците без проблем можат да ги купат, државата директно ја губи битката за јавното здравје – рече таа.
Податоците што ги презентираше се особено загрижувачки. Просечната возраст на почнување со пушење во Македонија е 13,5 години, што значи дека пушењето почнува уште во основно училиште. Според ESPAD 2024, 33% од учениците на возраст од 15 и 16 години барем еднаш пробале цигара, а 24% пушеле во последните 30 дена. Дури 74% од младите пушачи започнуваат со пушење пред 13 години, а повеќе од 80% од пушачите ја формираат навиката пред 25-годишна возраст.
Најалармантно е што речиси 80% од младите пушачи никогаш не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст.
Според Мијовиќ Спасова, овие бројки јасно покажуваат дека пушењето кај младите е последица на прекумерна достапност на тутунот и недоволна институционална заштита, а не на информиран избор.
Во таа насока, Аналитика препорачува неколку клучни мерки кои, според меѓународни искуства и домашни анализи, даваат докажани резултати. Една од нив е зголемување на акцизите на тутунските производи.
Анализите на Аналитика покажуваат дека зголемување на цените за 10% ја намалува веројатноста младите да започнат со пушење за околу 3%. Повисоките цени имаат најголем ефект кај децата и младите и кај домаќинствата со низок доход.
Наменско користење на приходите од акцизи за долгорочни, масовни едукативни кампањи, во кои ќе бидат вклучени образовните и здравствените институции.
Доследно и строго спроведување на законите што забрануваат продажба на тутунски производи на малолетници, како приоритет број еден во превенцијата.
Зајакнување и спроведување на забраните за пушење на јавни места, со цел заштита на јавното здравје и враќање на веќе постоечките законски решенија кои денес во пракса не се почитуваат.
– Иднината на децата и здравјето на граѓаните директно зависат од одлуките што ги носите вие како пратеници. Секое одложување значи нови генерации зависници, повисоки здравствени трошоци и изгубен човечки потенцијал. Потребни се јасни закони и нивно доследно и непристрасно спроведување – порача Мијовиќ Спасова.
Таа апелираше пушењето да не се третира како изолиран здравствен проблем, туку како општествена криза и пораз на државата која предолго не презема доволно мерки за заштита на најмладите.