Трети март е прогласен за национален празник на Бугарија со Уредба на Државниот совет од 27 февруари 1990 година, а со Одлука на Народното собрание од 5 март 1990 година.
На денешен ден, 3 март 1878 година, по завршувањето на Руско-турската војна (1877-1878), во гратчето Сан Стефано, кај Цариград, бил склучен мировен договор, познат како Санстефански договор.
Со договорот е заклучено на Црна Гора, Србија и Романија да им се признае независност и територијално проширување на сметка на Турција. За Босна и Херцеговина била предвидена автономија под надзор на Австро-Унгарија, а било создадено и автономно кнежевство во вазален однос спрема Турција – Голема Бугарија.
Покрај другите делови, во кнежевството било предвидено да влезе цела Македонија. Но, поради несогласување на Австро-Унгарија, Германија и на другите големи сили со превласта на Русија во Источна Европа, на Берлинскиот конгрес (13 јуни до 13 јули 1878 година), договорот бил ревидиран.
Одредбите на Санстефанскиот договор и на Берлинскиот конгрес, неповолно се одразиле врз понатамошните односи на Балканот.
„Склучувањето на Санстефанскиот договор беше голема грешка од руска страна. Зашто тој Договор правеше од Македонија чисто бугарска земја. Таа е словенска, но не и бугарска…” (“Петербуршки ведомости”, Бр. 315 од 1900 година)
По силните притисоци на Австро-Унгарија и Англија врз така скроениот Санстефански договор, идејата за негова ревизија била прифатена и од владата на Русија.
Кнезот Горчаков, по чија наредба руската делегација го потпишала договорот, нешто подоцна самиот напишал:
– Санстефанскиот мир ни создаде големи потешкотии. Сега ние треба да отстапуваме, и без жртви, одвај ќе најдеме излез од положбата, вели кнезот Горачков.
По тој настан реагирал и грофот Шувалов, кој на австроунгарскиот министер Андраши му изјавил:
– Санстефанскиот мир е несреќа за нас, а не за Австрија. Тоа е најголемото недоразбирање што можевме да го направиме. На крајот на краиштата, ние ќе бидеме принудени да отстапиме пред очите на цела Европа, изјавил Шувалов.