Постојано се зголемува бројот на психолози кои се вклучуваат во давањето психосоцијална поддршка за учениците, нивните родители и наставниците по трагедијата во Кочани. Минатата недела имавме 100тина, оваа недела во мрежата на училишни психолози имаме 130. Сите тие поминаа специјализирана обука за постапување во оваа кризна ситуација и се активни на терен.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска за време на денешната посета на неколку училишта во Штип, информирајќи дека на територијата на оваа општина ангажирани се дополнителни 10тина психолози во рамки на образовните установи.
-Министерството за образование и наука заедно со повеќе други страни – УНИЦЕФ, Институтот за психологија при УКИМ, Комората на психолози и Црвениот крст, прават напори за да обезбедат соодветна психолошка помош и психосоцијална поддршка за оние на кои им е потребна, а особено на најмладите. Веднаш по трагедијата подготвивме насоки за училиштата, за наставниците и родителите. Споделивме и лични контакти за телефонски совети и разговори. Беа отворени и наменски линии достапни 24/7, рече Јаневска.
Додаде дека настанот предизвика траума кај целата јавност, а особено кај децата, кои како што рече, не смееме да ги препуштиме сами на себе.
-Во рамки на Универзитетот „Гоце Делчев“ заедно со Комората на психолози, отворивме и Центар за младинско советување и тоа е всушност збирното место на психолозите од каде потоа тие заминуваат да работат во училиштата во Штип, а секако работат и со студентите во градот кои ценат дека во оваа ситуација, добро ќе им дојде разговор и насока како полесно да се справат со предизвиците, рече министерката, посочувајќи дека претстои долг период на рехабилитација и многу работа со младите.
Министерката напомена дека важен аспект на кој МОН ќе се посвети заедно со локалните самоуправи е одржувањето на безбедносните стандарди во училиштата низ целата територија.
-Минатата недела се обративме до општините за проверка во сите училишта дали постои проценка на ризици од кризни состојби, план за справување со кризни состојби, дали има соодветна и функционална опрема како ПП апарати, хидранти и слично. Според информациите кои ги добивме од ЗЕЛС, сите проверени училишта досега, а тоа се некаде над 90% од објектите, се безбедни и мора да се погрижиме така и да остане, рече Јаневска.