Во организација на македонската амбасада и албанскиот Институт за меѓународни студии во Тирана денеска беше промовирано албанското издание на книгата „Етнографија и антропологија на Македонците „Нашинци“ од македонско – албанското пограничје“ од Мери Стојанова, информираа од македонската Амбасада.
На промоцијата присуствуваа претставници од македонското национално малцинство, директорот на Институтот, деканката на Факултетот за странски јазици, професорката Есмералда Кромида, амбасадорите на Словенија и Хрватска и Србија, Арманда Хиса заменик директор на Архивот и библиотеките и другите истакнати поединци од научните кругови на Албанија.
Покрај авторот Стојанова, книгата ја промовираа амбасадорот Данчо Марковски и Марија Дојче, професор на Универзитетот во Корча. Како што беше речено, станува збор за и денес актуелна и мошне интересна проблематика која содржи долга историска генеза на македонската популација која низ вековите живеела и опстојувала на просторот Голо Брдо и Мала Преспа.
– Генерално, книгата има повеќестрано значење и претставува своевиден водич во која се содржани повеќе елементи кои кај читателот прават целосна слика за месното македонско население. Од друга страна делото на д-р Стојанова пополнува дел од постоечката празнина на научно истражување на овие краишта на Република Албанија. Ова е втора книга во последните 3-4 години, по делото на почитуваната професорка Марија Дојче, „Хармонска интеграција на македонското малцинство во Република Албанија – случај на македонското малцинство во областа Преспа и Врбник“, што се занимава со Македонците и нивната национална, етничка, јазична и културолошка посебност, но истовремено и нивната поврзаност со Албанците, рече амбасадорот Марковски.
Според него, во насловот на книгата Стојанова покрај именката Македонци го додава и зборот Нашинци.
– За разлика именката која означува етничка одредница, зборот „нашинци“ е обична именка во македонскиот јазик, но во случајот на македонското население во овие две подрачја има посебно значење. Нашинци претставува термин создаден од населението кој бил употребуван во меѓусебната комуникација со кој се заменувал зборот Македонец, бидејќи во одредени историски моменти било забрането да се употребува од страна на разните власти кои управувале со овие региони. Мошне интересни се искажувањата на локалното население околу ова. Од нив може да се види и разликата во третирањето на Македонците во Мала Преспа и Голо Брдо, додал Марковски.
За разлика од Преспа населението во Голо Брдо никогаш не добило можност слободно да се изјаснува. Ова е мошне јасно изразено и за време на организираните пописи на населението.
-И тука доаѓаме до делот на националниот идентитет на македонското население кое ја живеело судбината на историските збиднувања кои авторот мошне јасно и аргументирано ги опишува. Од овде може да се види и генезата зошто и по толку изминати децении одредени надворешни фактори и натаму се обидуваат да полагаат право и го присвојуваат ова македонско население, заборавајќи при тоа дека тие се албански државјани со македонско потекло, рекол амбасадорот Марковски.
Книгата „Етнографија и Антропологија на Македонците „Нашинци“ од македонско – албанското пограничје“ претставува дело со значајна научна и општествена вредност. Дело кое е од особена корист за секој оној кој од поширок аспект сака да ги проучува македонско – албанските односи, или пак непосредно се занимава со нив. (МИА)