Култура Постхумно

Промоција на книгата „Македонскиот идентитет и македонското прашање“

Оваа е втора постхумно објавена книга на Ванче Стојчев.

Промоција на книгата „Македонскиот идентитет и македонското прашање“

Во Музејот на македонската борба денеска ќе се одржи промоција на постхумно објавената книга „Македонскиот идентитет и македонското прашање“ од авторите, универзитетски професори Ванче Стојчев и Александар Стојчев, историчари, специјалисти за воената историја на земјава од античко до денешно време.

За темите од најновата книга на двајцата автори „Македонскиот идентитет и македонското прашање“ ќе зборуваат уредниците проф. д-р Наде Проева и проф. д-р Тодор Чепреганов, а настап ќе има и оперскиот пејач Борис Трајанов.

Оваа е втора постхумно објавена книга на Ванче Стојчев. Првата беше монографијата „Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија во 1913 година“, објавена во 2011 година, во коавторство со Александар Стојчев.

Проф. др- Ванче Стојчев е основач на Воениот музеј на Македонија – во 2006-та година. Треба да се потсети дека во 1996-та година во Воениот музеј на армијата на Република Турција во Истанбул, Ванче Стојчев го откри легендарното Црешово топче користено во Крушево, во време на Илинденското востание. Истражуваше теми од воената и дипломатската историја на Македонија.

Проф. др Александар Стојчев, од 2010 година до смртта беше раководител на Служба за воена историја – Воен музеј во Министерството за одбрана. Беше автор на бројни изложби и едуктивни настани од национален и меѓународен карактер. Освен со музејска дејност и настава се занимаваше со научно истражувачка работа со нагласка на периодот на Балканските војни и Првата светска војна.

Најнови вести од Култура

To top