Во голема меѓународна истрага на македонската и косовската полиција со поддршка на ЕУРОПОЛ и Јавни Обвинители од двете држави, уапсени се повеќе лица меѓу кои и полициски службеници од Одделот за организиран криминал при МВР.
Според информациите, во тeкот на вчерашниот ден во утринските часови се случувала вистинска драма на граничниот премин „Хани Елезит“, кога како од акционите филмови бил уапсен еден од најблиските соработници на поранешниот началник на Одделот за организиран криминал.
Истрагата била чувана во најстрога тајност, а интензивирана во услови на техничката Влада, која била насочена кон меѓународна криминална група која вршела растурање и фалсификувањe на евра во повеќе држави.
Сега, според информациите, се потврдува дека е уапсен еден полициски службеник, но истрагата продолжува понатаму.
Како што дознаваме, во Скопје всушност е откриена печатница за фалсификувани евра од каде се вршела дистрибуцијата на фалсификуваните евра. Дали некој свесно ја поткопувал економската стабилност и колку време се одвивала целата меѓународна криминална операција допрва треба да одговорат истражните органи.
Дали последните провокации и инциденти на одредени опозициски центри се токму последица на стравот од воспоставување на правната држава и владеење на правото преку апсење на луѓе блиски до претходниот политички естаблишмент и дали некој во изминатите години свесно ги опструирал меѓународните истраги допрва треба да покажат понатамошните истраги.