Првоосомничениот за рушењето на заштитениот објект „Хотел Шар Ан“ во скопската чаршија, Мухамед Љамалари падна во рацете на полицијата, дознава Курир.
Според нашите информации Љамалари денеска околу 13 часот бил уапсен во хотел на Бит Пазар. Настанот за Курир го потврдија и од Министерството за внатрешни работи.
-Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје денеска го лишиле од слобода М.Љ.(42) од Скопје, кој бил баран по централна потерница по судска наредба за издржување мерка притвор за сторени кривични дела по член 394 , член 353 и член 264 од Кривичниот законик, одговорија од МВР за Курир.
Кривичните дела кои му се ставаат на товар се злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластување и оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости.
Според официјалните информации од истрагата која се водеше, Љамалари тогаш во својство на претседател на Одборот на директори на акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор ја формирал и организирал криминалната група.
-Тој иако знаел дека хотел „Шар Ан“, што се наоѓа во склоп на Старата скопска чаршија, претставува културно наследство и е дел од заштитена споменичка целина и не може да биде предмет на продажба не ги презел своите законски овластувања за заштита на објектот, туку побарал од дел од припадниците на групата да изврпат негово противправно рушење и уништување, соопштија тогаш од Јавното обвнителство.
Во незаконските дела вклучени беа 11 лица.