Две скопјанки вчера во период од два часа пријавиле во полициска станица дека биле жртви на измама за наводни сообраќајни несреќи со смртни последици.
Во првиот случај, 74 годишна скопјанка била измамена за околу 2.000 евра од машко лице.
-Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски и ѝ кажало дека нејзиниот син и неговата сопруга предизвикале сообраќајна несреќа во која прегазиле дете–мигрант и доколку не сака тие да лежат во затвор требало да плати. Како што е пријавено, таа парите ги оставила на договореното место, а откако се вратила во домот и го видела нејзиниот син сфатила дека била измамена, информира МВР.
86-годишна жена од Скопје вчера исто така пријавила дека била измамена од едно машко лице за сума од околу 112.000 денари.
-Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете-мигрант кое починало и доколку не сака таа да лежи во затвор требало да плати. Како што е пријавено, таа парите што ги имала во домот ги ставила во кеса и ги фрлила од балконот, како што и посочило лицето, истакнуваат од МВР.
Во двата случаи се преземаат мерки за нивно расчистување.