Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, планира да го посети Гренланд во наредните недели, соопшти денеска портпаролката на Комисијата, откако спорот со американскиот претседател Доналд Трамп околу арктичкиот остров предизвика страв од конфликт во рамките на НАТО.
Шефицата на Комисијата планира патување во арктичкиот регион, вклучувајќи го и Гренланд, во март, рече портпаролката, без да наведе дополнителни детали, пренесе ДПА.
Спорот околу Гренланд ескалираше во јануари кога Трамп постојано се закануваше дека ќе ја анектира територијата која е под администрација на Данска, тврдејќи дека само САД можат да ја заштитат од наводните руски и кинески закани во регионот.
Трамп на крајот ги повлече заканите за употреба на воена сила за преземање контрола врз островот, како и казнените царини за европските земји-членки на НАТО поради нивната поддршка за Гренланд и сојузничката Данска.
Оттогаш, НАТО го зголеми своето воено присуство на Арктикот, додека Данска, САД и Гренланд водат разговори за иднината на островот.