Економија ФАО

Светските цени на храната во февруари се најниски во последните три години

Во февруари забележан е меѓумесечен пад на цените на сите главни жита и растителни масла, што повеќе од надомести за поскапувањето на млечните производи, месото и шеќерот.

Светските цени на храната во февруари се најниски во последните три години

Во февруари светските цени на храната паднаа на најниско ниво во последните три години, објави денеска Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО).

Во февруари забележан е меѓумесечен пад на цените на сите главни жита и растителни масла, што повеќе од надомести за поскапувањето на млечните производи, месото и шеќерот.

Индексот на светските цени на храната за февруари падна од јануарските 118,2 поени на 117,3 поени, продолжувајќи го падот на светските цени на храната што започна во август 2023 година, се наведува на веб-страницата на ФАО. Вредноста на овој индекс е 10,5 отсто или за 13,8 поени пониска во однос на февруари 2023 година.

Цените на житариците паднаа за пет отсто на 113,8 поени на месечно ниво поради големата понуда на пазарот и очекувањата за добра жетва на пченка во Јужна Америка, а цените на растителните масла за 1,3 отсто на 120,9 поени. Показателот за цените на млечните производи се зголеми за 1,1 отсто, на деветмесечниот максимум од 120 поени, а најмногу пораснаа цените на путерот поради поголемата увозна побарувачка од азиските купувачи.

Цените на месото, по седум последователни месеци пад, во февруари пораснаа за 1,8 отсто на 112,4 поени, главно поради повисоките цени на живинското и говедското месо. Индексот кој ги следи цените на шеќерот се зголеми за 3,2 отсто на 140,8 поени поради загриженоста за производството во Бразил, Индија и Тајланд.

To top