Економија буџет

Европскиот парламент бара значително поголем буџет за 2025-та

Пратениците на Европскиот парламент во вторникот ја критикуваа позицијата на земјите-членки во однос на буџетот за следната година, кој вклучува кратење на средствата за некои важни програми како Хоризонт и Еразмус плус.

Европскиот парламент бара значително поголем буџет за 2025-та

Пратениците на Европскиот парламент во вторникот ја критикуваа позицијата на земјите-членки во однос на буџетот за следната година, кој вклучува кратење на средствата за некои важни програми како Хоризонт и Еразмус плус.

Советот на ЕУ во септември го изгласа ставот за преговори со парламентот за буџетот за следната година. Земјите-членки предлагаат намалување за 1,52 милијарди евра во однос на предлогот на Европската комисија, вклучително и помалку средства за истражувачката програма Хоризонт, за програмата за размена на студенти Еразмус плус, за Европската агенција за гранична и крајбрежна стража – Фронтекс.

Пратениците во среда ќе гласаат за својот став, врз основа на кој ќе се обидат со советот да постигнат конечен договор за буџетот за следната година. Преговорите меѓу двете законодавни институции ќе започнат на 4-ти ноември, а рокот за постигнување договор е 18-ти ноември 2024 година на полноќ.

„Советот предлага штедење, намалување на нашиот инвестициски капацитет, што ќе нѐ направи ранливи на глобалната сцена, ќе го намали нашиот капацитет да им помогнеме на Украина, Молдавија и земјите на линијата на фронтот погодени од нелегалната војна на Русија во Украина. Тие ќе ги остават нашите граници незаштитени и ќе ги игнорираат нашите земјоделци и млади луѓе на кои им е потребна помош“, рече на средбата во Стразбур парламентарниот известувач за буџетот, романскиот социјалдемократ Виктор Негреску.

Буџетот за 2025 година е првиот годишен буџет од кој ќе се плаќа камата за отплата на долгот што ја финансира реконструкцијата и закрепнувањето од пандемијата.

„Позицијата на Европскиот парламент е јасна, буџетот на ЕУ не може да биде заложник на каматните стапки“, рече Негреску.

Меѓу другото, претставниците бараат дополнителни 110 милиони евра за здравствени програми, 70 милиони за образование и млади, 42 милиони за заштита од елементарни непогоди, 96 милиони за земјоделците. Негреску рече дека Еразмус се претвора во програма за елитата, бидејќи посиромашните студенти не можат да си дозволат да студираат во друга земја.

Унгарскиот државен секретар за јавни финансии Петер Бено Банаи, кој зборуваше во име на Советот, рече дека „актуелната економска и буџетска ситуација бара внимателен пристап“.

„Затоа Советот поддржува одложување на некои приоритети за зајакнување на други, како и создавање резерви во буџетот за справување со непредвидени ситуации. За жал, разликите меѓу нашите позиции и позицијата на Европскиот парламент во оваа фаза сѐ уште се релативно големи, речиси 2,8 милијарди евра обврски и 1,8 милијарди евра исплати“, рече Банаи.

Комесарот за буџет Јоханес Хан изрази жалење за кратењето на предлог-буџетот на комисијата, истакнувајќи дека оправдувањата за него не изгледаат убедливо, „особено ако се во спротивност со приоритетите и одлуките на самиот совет“.

Тој го поздрави ставот на парламентот расходите да се вратат на нивото предложено од комисијата во јуни, односно во годишниот буџет на ЕУ за 2025 година од 199,7 милијарди евра.

Најнови вести од Економија

To top