Премиерот Христијан Мицкоски не очекува да има турбуленции и позначителни потреси на пазарот со електрична енергија во земјава и покрај најавите на некои европски земји дека очекуваат проблеми во текот на зимава.
-Што се однесува до турбуленции на пазарот на електрична енергија во Европа, јас бев меѓу првите уште летоска којшто зборуваше дека како ќе доаѓа зимата, така ќе има потреби да се влече енергија од пазарот во Европа од страна на Украина, бидејќи за жал таму поради руската агресија е целосно уништен електроенергетскиот систем на државата. Сето ова ќе влијае во насока на зголемување на цените на електричната енергија на берзите, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по поставувањето камен-темелник на новото основно училиште „Крсте Мисирков“ во скопската населба Ченто.
Тој додаде дека сепак не очекува да има некои позначителни потреси на пазарот во земјава.
-Од она со кое што располагам како информација, на почетокот на грејната сезона имаме за повеќе од два и пол пати помалку дефекти од она кое што било по принципот како до сега. Она што го имаме како располагање на ресурс во РЕК Битола и во другите електрани е на нивото очекувано за овој период од годината. За жал, хидрологијата е намалена, некаде околу 22-23 проценти, можеби требаше да биде над 30 во овој период но таква беше годината – сушна. Ценам дека капацитетите со коишто располага државата подготвени ќе ја дочекаат и ја дочекаа оваа грејна сезона и не очекувам да имаме некои позначителни потреси на пазарот, рече Мицкоски.
Во моментов, како што кажа, работат двата блока во РЕК Битола, бидејќи нема потреба за повеќе, а од втора половина на декември ќе биде вклучен по потреба и третиот блок.
За ветувањето дека ќе се укине давачката за пристап од 200 денари на сметките за потрошена електрична енергија за граѓаните, рече дека ќе биде укината во текот на мандатот на оваа Влада.
-Во овој момент работиме на консолидирање на електроенергетскиот сектор и мислам дека Регулаторната комисија за енергетика ги прави пресметките. Кога тие ќе бидат готови ќе донесеме одлука која што е најважна и најдобра за граѓаните, рече Мицкоски.
Во насока на консолидација, како што посочи, е и одлуката да не се префрлаат пари на АД ЕСМ, туку самата компанија преку кредит да си ги плати старите долгови.
-Пари на Државни електрани се префрлувале. Поентата е сега со работењето на ова раководство да се консолидира компанијата и помалку да се префрлаат. Тоа е суштината. Кредитот којшто е земен е за да ги плати старите долгови наследени од претходното раководство во големина од пет милијарди денари и тоа се средства коишто се наследени од претходно. Заемот е земен по исклучително поволни услови, ќе има и грејс период од две-три години, доволен период за да може компанијата да се консолидира. Ние продолжуваме да работиме во насока на консолидирање на јавниот сектор и државата од она кое што е наследено од претходната влада на СДСМ и ДУИ и добро е што полека но сигурно се консолидира сето ова, потенцира Мицкоски.