По втор пат пензионерите од Тетовско организираа јавен протест и блокирање на сообраќајот во градот со цел да го изразат незадоволството од ниските пензии. Повторно околу еден час претпладнево се собраа на крстосницата на булеварите „Маршал Тито“ и „Видое Смилевски-Бато“ и го блокираа сообраќајот.
– Нашето барање е исто, линеарно зголемување од 5000 денари и минимална пензија да биде 20 000 денари. Да се добие подостоинствен живот на пензионерите кои се запоставени. Прв пат по осамостојување на државата пензионерите излегуваат на протести, после 32 години. Многу се ниски пензиите и преку протестите да треба да ги добијат правата. Работна група која работа на создавање на услови и разгледување на барањата нема уште резултати, до крај на месецот ќе излезат со став. А од социјалните мрежи читав премиерот вели дека со закон ќе се регулира со минимална пензија. Линеарно да биде за сите еднакво, изјави Селвер Мемети, претседател на Здружение на пензионери.
Пензионерите велат дека цените на храната се премногу високи и мораат да протестираат за добијат повисоки пензии.
– Министерката, премиерот и претседателот да излезат и да го видат овој народ, да ги видат пензионерите. Пари има нека не нè лажат. Нека седнат, нека ги решат проблемите на пензионерите. Шест отсто е малку, мора да има за сите за да живеат. Во оваа скапотија не се излегува на крај. Ако не, нека ни ја пратат храната тие таму во Собрание што ја јадат, по 30 денари бифтеците… изјави Летка Мишовска.,
Пензионерите најавија дека ќе протестираат и понатаму.
Денеска протестираа и пензионерите во Неготино на градскиот плоштад, повторувајќи ги барањата за повисок животен стандард. На овој начин, како што рекоа, го изразуваат своето разочарување од нарушеното достоинство во третото доба, револтирани од малите пензии и тешките пензионерски денови. Повторно носеа транспаренти на кои се испишани нивните барања за зголемени пензии.
– Бараме повисок стандард, линеарно покачување на пензиите од по пет илјади денари, минималната пензија да биде 20 илјади денари. Си ги бараме нашите пензионерски права и услови за подостоинствен живот, рече пензионерката Ката Апостолова.
Веќе извесен период, пензионери од Неготино и Кавадарци протестираат во одредени денови, барајќи да се слушне нивниот глас и да им се подобрат пензионерските денови.
Неготинските пензионери пред неколку дена извесно време го блокираа и патот од Неготино кон Кавадарци, на тој начин, како што рекоа, изразувајќи го својот револт поради ниските пензии и тешкиот пензионерски живот. Со транспаренти се движеа и по главната улица во градот.
Претходно, тие го блокираа на еден час влезот и излезот на Неготино откај Гевгелија, за, како што рекоа, да алармираат за нивните проблеми и да побараат нивно решавање.