Конференцијата на тема „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост“ се одржува денеска во Скопје во организација на Народна банка, со поддршка на Европскиот форум за европски пари и финансии (SUERF – The European Money and Finance Forum).
Конференцијата ќе ја отвори гувернерот на Народната банка Трајко Славески, а ќе се обратат и премиерот Христијан Мицкоски и генералниот секретар на СУЕРФ Ернест Ган.
Во рамките на настанот ќе се одржат три панел-дискусии на кои гувернери и високи претставници на централните банки и на меѓународните финансиски институции ќе разговараат за главните предизвици за централното банкарство во услови на зголемена светска неизвесност. Учесниците ќе зборуваат за макроекономските политики, искуствата од справувањето со светските економски шокови и улогата на економските политики во одржувањето на финансиската стабилност.
Првиот панел е посветен на темата „Зајакнување на стабилноста во услови на висока неизвесност: лекции за макроекономските политики“, а на него ќе се обратат гувернерот на НБ Трајко Славески, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, гувернерот на Хрватската национална банка Борис Вујчиќ, гувернерот на Централната банка на Косово Ахмет Исмаили, заменик директорот на Одделот за фискални прашања при ММФ Ера Дабла Норис, како и професорот за финансиска стабилност и директор на Школата за банкарство и финансии во Фиренца Торстен Бек.