Економија

Ѓорѓиевски: Бизнис секторот е во стагнација, непродуктивни трошоци и во буџетот за 2024-та година

Ѓорѓиевски: Бизнис секторот е во стагнација, непродуктивни трошоци и во буџетот за 2024-та година

Буџетот за 2024 година нема да обезбеди економски раст на нивото на проекциите на Владата, а некои од клучните проблеми, меѓу другото, се непродуктивните трошоци, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агробизнис-комората при Сојузот на стопански комори.

Тој посочува дека кабастата јавна администрација и државните загубари со години се товар за државната каса.

„Повторно се оди во една димензија на зголемување на буџетот, како што се случува секоја година, и повторно тие финансии одат во непродуктивни трошоци. Суштински проблем во нашата држава практично е администрацијата. Имаме голема превработеност во администрацијата и доколку направиме споредба со некои држави што се слични по географски обем и број на жители како нас, еве на пример Словенија, таму има 80.000-90.000 вработени, кај нас има 160.000 вработени во државната администрација, што претставува огромен товар за буџетот. Ние сметаме дека клучот е таму – намалување на бројот на вработени, со што ќе останат многу повеќе финансии во буџетот за економските активности и начини со кои може да му се помогне на бизнисот во нашата држава. Апсолутно, тука би ги ставил и јавните претпријатија што креираат стотици милиони евра годишни загуби („Македонски пошти“, „Македонски шуми“, „Железници“ итн.), со самата нивна рационализација, а нема подобра рационализација од приватизација, ќе заштедиме околу 100 милиони евра, а ќе имаме и трансфер на тие вработени во приватниот бизнис, бидејќи знаете дека во овој момент има голем недостиг на пазарот на трудот во однос на човечки ресурси“, вели Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски посочува дека бизнис-секторот во моментов е во стагнација, критикувајќи ги и владините антиинфлаторни мерки, како замрзнатите цени. Тој нагласува дека инфлацијата сè уште не е победена.

„Компаниите стагнираат бидејќи многу е тешко да се дојде до финансии, каматите се високи и бизнисите се замрзнати во нивните економски активности. Начинот на кој се справува државата со инфлацијата, занемарувајќи ги пазарните вредности и принципи, е несоодветен начин на економските проблеми. Бизнисот не смее да биде толку изложен на сите влијанија што доаѓаат однадвор, сметаме дека може да се преземат поквалитетни решенија“, вели тој.

Целото интервју со него, прочитајте го на „Блумберг Адрија“.

Најнови вести од Економија

To top