Селекторот на француската ракометна репрезентација, Гијом Жил, малку им се налути на новинарите кои му поставуваа прашања во врска со следниот ривал на Мундијалот, а тоа е селекцијата на Хрватска.
Жил се налути во моментот кога доби прашање за „каубоите“, а во исто време зборуваше со пофални зборови за селекцијата на Египет, која на помалку трагичен начин загуби од ко-домаќинот на Светското првенство.
„Не сакам да зборувам за Хрватска. Мислам дека треба да покажеме малку повеќе почит за Египет, кој одигра неверојатен натпревар против нас. И ние бевме одлични, но максимален респект за нашите ривали во четвртфиналето.
Египет беше квалитетен противник, но моите играчи наоѓаа секакви решенија во нападот и затоа сум многу среќен. Малку ми е жал за Египќаните, но овие нокаут-мечеви се понекогаш безмилосни. Беа близу до историско полуфинале, но ние го покажавме својот квалитет кога беше најпотребно“, изјави Жил.
Франција ќе се соочи со Хрватска во полуфиналето на Светското ракометно првенство, а натпреварот ќе се одигра на 30 јануари во 21:00 часот.