Ракомет

Убедлив пораз на Македонија од Германија на ЕП

Убедлив пораз на Македонија од Германија на ЕП

Ракометната репрезентација на Македонија во второто коло на Европското првенство го доживеа и вториот убедлив пораз, загубивме од домашната селекција на Германија со 34-25.

Предвидувањата се остварија, Македонија не успеа да парира ниту на вториот силен противник во нашата група, селекцијата на Германија. Момците на Кире Лазаров не се издигнаа над своите можности и со вториот пораз и теоретски ги загубивме шансите за пласман понатаму.

Германија уште на стартот почна со силно темпо, поведоа со 5-2, но ние вративме со два гола во серија и дојдовме на еден негатива. Но, доближувањето на резултатот беше само предупредување за Германците кои брзо се одлепија, дојдоа и до седум гола разлика 16-9, на одморот се замина со 18-13 за нив.

Во вториот дел Германија продолжи да има целосна контрола на мечот, Македонија имаше само повремени блесоци, но јасно беше каде е квалитетот. Конечниот резултат гласеше 34-25 за домаќините.

Најефикасен во нашата селекција беше Ненад Костески со шест голови, Пешевски и Јагуриновски постигнаа по четири, Митев реализираше трипати. Томовски имаше пет одбрани, Митревски фати две топки. Незапирлив во составот на Германија беше Јури Кнор кој постигна 10 голови.

Следниот натпревар на Македонија е во вторник од 18 часот против Швајцарија.

To top