Во воведниот натпревар од Групата 2 во главната фаза на Европското првенство во ракомет, Словенија попладнево во Малме ја совлада УНгарија со 35-32 (15-17).
По израмнетиот почеток во кој се играше гол за гол, Унгарија прва дојде до +2, поведувајќи со 8-6. Во 28.минута, Унгарците имаа предност од четири голови (16-12), но до полувремето, Словенија ја намали негативата на два гола (15-17).
Словенија влезе во второто полувреме со серија од 3-0, и го презеде водството со 18-17, а во 40. минута имаше два гола предност. Три минути подоцна, Словенија стигна и до плус три (23-20).
Избраниците на Урош Зорман не го испуштија водството до крајот на натпреварот. Четири минути пред крајот, Унгарија намали на гол негатива (30-29), но не отиде подалеку од тоа.
Блаж Јанц ја предводеше Словенија до победа со 10 голови, додека Бенце Имре беше најефикасен на унгарската страна со осум голови.
Шведска и Словенија се на чело на табелата со по четири бодови, пред Исланд и Хрватска по два и Швајцарија и Унгарија по бод.
Вечерва се среќаваат Шведска – Исланд и Швајцарија – Хрватска.