Ракомет

Кузмановски: Веруваме во себе, иако групата е тешка

Кузмановски: Веруваме во себе, иако групата е тешка

Машката ракометна репрезентација на Македонија го имаше првиот собир во пресрет на настапот на Европското првенство во Германија во јануари.

Ракометари прво заминуваат на подготовки во Стара Пазова, Србија, каде што ќе останат до 30 декември. Во Србија договорен е еден контролен натпревар, против Црна Гора на 29, а стручниот штаб е во потрага по уште еден противник за на 27 декември.

По враќањето во Скопје, ќе следуваат контролни дуели против Грција во Скопје, на четврти и петти јануари.

Филип Кузмановски, кој по враќањето во Битола, полека но сигурно покажува дека ќе биде лидер на оваа селекција најави дека ќе има борба од оваа селекција на шампионатот кој доаѓа.

„Враќањето во Битола за мене е нешто посебно, Пелистер ми е матичен клуб. Играњето во Лигата на шампионите беше главната причина да се вратам во Битола, но и навивачите, секако, бидејќи сите знаете каква публика и навивачи има Пелистер. Тука сега поминувам многу време на теренот и во македонското првенство и во Лигата на шампионите и тоа многу ми значи и многу ќе ми помогне во кревањето на формата и на самодовербата. Да тренерираш и да играш не е исто, имам голема самодоверба“, вели Кузмановски.

Ракометарот на Пелистер се радува на новиот собир и најавува максимален ангажман од сите репрезентативци.

„Ги почнуваме подготовките и навистина чест ми е што ќе играм за репрезентацијата. Повторно сме заедно, одлична група на млади играчи, кои имаме што да покажеме на теренот. Ја знаеме групата, спортски е да се надеваме. На секој натпревар одиме на победа. Подготовките во Србија треба максимално да ги одработиме, како на физички така и на тактички план. Во минатото голем број играчи не играа во клубовите, но сега го немаме тој проблем, сите сме стандардни и подготвени. Верувам во селекторот и во целиот стручен штаб, нам ни останува да веруваме и да работиме“, додава Кузмановски.

Свесни сме дека сме во тешка група и дека сме аутсајдери, но Филип Кузмановски најавува беспоштедна борба на сите натпревари.

„Долго играв во Германија, знам какви фанатици се и ќе биде вистински спектакл. Сепак, и ние ќе имаме голема поддршка од нашите навивачи, кои секаде се со нас. Сакам да им се заблагодарам за тоа бидејќи не е мала работа да ја оставиш работата и семејството и да дојдеш да нè бодриш нас. Ние тоа навистина го цениме, ние играме за нив, за нашата држава, бидејќи е гордост да се игра за репрезентацијата. Против Франција можеби ќе нè потценат, но ние имаме наш систем и ќе се придржуваме до тоа. Тие се фаворити, но во спортот секогаш има изненадувања“, се очекувањата на Филип Кузмановски.

Теми на денот

To top