Ракомет ракомет

Група Д: Норвешка го има главниот збор, Фараните дебитираат на ЕП

Ракометното Европско првенство стартуваше со натпреварите од нашата група А, во која освен Македонија и Франција, се судрија домаќинот Германија и Швајцарија во „Меркур Шпил Арената“ во Дизелдорф. Веднаш потоа на вториот натпреварувачки ден стартуваат и возбудувањата во уште неколку групи, меѓу кои и Д конкуренцијата.

Група Д: Норвешка го има главниот збор, Фараните дебитираат на ЕП

Ракометното Европско првенство стартуваше со натпреварите од нашата група А, во која освен Македонија и Франција, се судрија домаќинот Германија и Швајцарија во „Меркур Шпил Арената“ во Дизелдорф. Веднаш потоа на вториот натпреварувачки ден стартуваат и возбудувањата во уште неколку групи, меѓу кои и Д конкуренцијата.

Во оваа група ќе се натпреваруваат Норвешка, Словенија, Полска и дебитантот Фарски Острови. Нема сомнеж дека скандинавскиот колектив ќе го има главниот збор во оваа конкуренција, а се очекува во трка за второто место да бидат Словенците и Полјаците, додека новајлијата на евро-сцената е без реални шанси.

Норвешка:

Со подемот на скандинавскиот ракомет во изминатите децении се крена и квалитетот на Норвешка. Предводена од Сандер Сагосен, иако можеби не е во првиот ешалон фаворити за трофејот, сепак, е селекција која заслужува максимален респект. Впрочем, не може да биде поинаку кога во тимот освен ѕвезда како Сагосен имате имиња како Кристијан Бјорнсен, Магнус Род, Тобијас Бергеруд, Харалд Рајнкајнд… Селекторот Јонас Виле треба само добро да ги сложи коцките, да ја скокне првата пречка во името на Норвешка и потоа да се продолжи патот кон добар резултат.

Словенија:

Пред само четири години словенечките ракометари стигнаа до полуфиналето и завршија четврти на Европското првенство. На минатиот континентален собир Словенија не успеа ниту да мине во главната рунда. Во 2022 тие запишаа само една победа и тоа против Македонија, а загубија од Данска и Црна Гора за ран билет кон дома. Селекторот Урош Зорман направи тим во кој има искусни, но и доста млади играчи. Тука се двајцата ракометари на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак и Нејц Цехте, додека меѓу носителите на играта се очекува да бидат Зарабец, Маргуч, Бомбач, Влах, Овничек… На овој турнир осетно може да биде искуството на Блаж Јанц, ама словенечкиот предводник има доста опции за сите позиции.

Полска:

Станува збор за селекција која зема залет. Полјаците имаат доста квалитетна репрезентација, која можеби не е толку добра како ѕвездената од пред деценија, но е со солиден квалитет. На Мундијалот минатата година ја исполнија целта и минаа во главната фаза, а така беше и на Европското првенство пред две години. Иако сега нема да можат да сметаат на Гебала и Крајевски, во тимот има доста квалитетни имиња како Сипшак, Дашек, Мачеј Гебала, Сичко…

Фарски Острови:

Веројатно една од најголемите непознаници пред Европското првенство се Фарските Острови. Репрезентација која доаѓа од земја со 50.000 жители, дебитира на големите собири и не се знае реално со какви сили располага. Неодамна на кадетскиот континентален собир Фараните беа хит, совладувајќи селекции како Франција и Словенија, а првата ѕвезда Оли Митун ќе биде во тимот и сега. Освен Митун, во тимот треба да се обрне внимание и на Елиас Елефсен Скипаготу, кој заедно со Хакун Вест Ав Тејгум беше на мета на многу сериозни европски клубови.

Групата Д ќе се одигра во „Мерцедес Бенс Арената“ во германската метропола Берлин.

Распоред на натпреварите:

11 јануари

Словенија – Фарски Острови (18:00 часот)
Норвешка – Полска (20:30 часот)

12 јануари

Полска – Словенија (18:00 часот)
Фарски Острови – Норвешка (20:30 часот)

15 јануари

Полска – Фарски Острови (18:00 часот)
Норвешка – Словенија (20:30 часот)

To top