Ракометарите на Барселона продолжуваат со одличните игри во Лигата на шампионите и славеа во 11. коло на гостувањето кај ГОГ Гудме Хандбол со убедливи 23-30. Прво име на натпреварот беше данскиот голман во Барселона, Нилсен, автор на дваесет интервенции.
Каталонскиот гигант уште во првите триесет минути ја покажа својата сила и тргна во офанзивен налет, а на паузата имаше предност од три голови, 14-17. Иако домашните фанови посакуваа подобро издание на нивните миленици во вториот дел, Барса продолжи да ја „решета“ нивната мрежа и на истекот на 50. минута веќе имаше убедливи шест голови предност.
До крајот на мечот гостите не отстапија од цврстата одбрана и не му дозволија на ГОГ ниту да ја ублажи разликата, а конечната победа беше изразена со резултат 23-30. Најефикасен во победничкиот тим беше Meлвин Ричардсон, кој забележа шест голови, а ист учинок кај ГОГ Гудме имаше Емил Мадсен.
Барселона е првопласирана во групата Б со 20 бодови, додека ГОГ има десет бода, доволни за петтата позиција на табелата.