Одбојкарките на Соединетите Американски Држави ќе го бранат златото на Олимписките игри во Париз, откако со 2-3 по голема драма и борба ја победија селекцијата на Бразил.
Во финишот на првиот сет со 23-25 американските одбојкарки успеаја да поведат. Вториот сет им припадна на Бразилките кои воспоставија контрола од стартот, на момент имаа и највисоки осум разлика, па со 25-18 израмнија.
Ситуацијата дијаметрално се промени во третиот сет, САД се наметна и успеа да го добие најубедливо со 15-25. Драмата продолжи, во четвртиот Американките водеа на стартот, а потоа Бразил беше подобар и заслужено израмни со 25-23.
Решавачкиот сет тргна со бразилско водство од 5-3, а тогаш ривалките направија мини-серија од 1-4. Одбојкарките од САД го презедоа приматот и поведоа убедливо со 8-12. Иако на тоа Бразилките одговорија со два поени во низа, Американките со добар финиш ја добија драмата.