Четвртфиналниот натпревар на турнирот во Мајами од серијата Мастерс 1000 меѓу Србинот Новак Ѓоковиќ и Американецот Себастијан Корда е одложен за денеска поради значително доцнење на програмата, соопштија организаторите.
Навивачите кои останаа на трибините по завршувањето на четвртфиналниот дуел во женска конкуренција во кој Американката Џесика Пегула ја победи Британката Ема Радукана дознаа во 23:30 часот по локално време (рано утрово во 4:30 часот по средноевропско време) дека нема да ја проследат пресметката меѓу Ѓоковиќ и Корда која требаше да следи.
„Во согласност со правилата на АТП кои не дозволуваат натпреварите да започнат подоцна од 23 часот, натпреварот помеѓу Новак Ѓоковиќ и Себастијан Корда е одложен за четврток и ќе биде трет натпревар во денот, соопштија организаторите на турнирот во Мајами.
Победникот од дуелиот меѓу петторангираниот тенисер на АТП листата Ѓоковиќ и Корда (25. АТП) во полуфиналето ќе игра против Бугаринот Григор Димитров, кој синоќа во четвртфиналето по два часа и 50 минути игра го совлада Аргентинецот Франциско Серундоло со 6-7, 6-4, 7-6.