Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека церемонијата на отворањето на Олимписките игри на Сена ги направила Французите „исклучително горди“ и нагласи дека таа претставувала вистински „безбедносен потфат“.
Синоќешната церемонија му подари на целиот свет извонреден спектакл, единствен во светот и во историјата на Игрите и верувам дека нашите сонародници ги направи исклучително горди, рече Макрон и посочи дека се работи за „голем спектакл кој го приредиле уметниците и спортистите“.
Францускиот претседател исто така им честиташе на безбедносните сили за време на Олимпијадата, поздравувајќи ја нивната „вонредна мобилизација“.
Сакам да ви ја пренесам благодарноста на нацијата, мојата благодарност, да ви кажам дека тоа не би било можно без вложувањата и работата што успеавте да ги направите во последните години и вашиот извонреден ангажман и решителност, рече Макрон при посетата на информативно-командниот центар на управата на полицијата во Париз.
Овие Игри се можни бидејќи има вкупно 250,000 припадници на внатрешните безбедносни сили кои летото ќе го поминат штитејќи и надгледувајќи, рече Макрон.
Само на синоќешното отворање беа ангажирани околу 45,000 полицајци и жандарми, што е огромна бројка за јавен настан.
Олимписките игри траат до 11 август, а потоа следуваат Параолимписките игри од 28 август до 8 септември.