Италијанскиот тенисер Јаник Синер е последниот кој обезбеди место во полуфиналето на САД опен, откако во „финале пред финале“ со 3:1 во сетови го победи Данил Медведев.
На водечкиот на АТП листата му беа потребни нешто повеќе од два и пол часа за да го скрши отпорот на шампионот на САД опен од 2021 година.
Во првиот сет Синер започна фуриозно и го доби со 6:2. Потоа следуваше одговор од Медведев кој доминираше во вториот сет и го доби убедливо со 6:1 за израмнување на 1:1 во сетови.
Сепак, се чини дека тоа беше максимумот од рускиот тенисер, затоа што веднаш потоа Синер возврати со иста мерка и со 6:1 го доби третиот сет.
Во решавачкиот четврти сет, доволно беше еден брејк за Синер да го добие со 6:4 и да се радува на пласман во полуфиналето, каде ќе игра против 25-тиот носител на турнирот Џек Дрејпер. Во второто полуфинале ќе играат Американците Фриц и Тијафо.
На женскиот дел од турнирот во полуфиналето ќе нема место за првата носителка Иг Швјонтек која испадна од Џесика Пегула, па ќе има нова шампионка и кај жените. Во полуфиналето ќе се сретнат: Пегула – Мухова и Сабаленка – Наваро.