Возачот на Ферари, Луис Хамилтон, денеска ја освои пол-позицијата за спринт трката во Шангај, која се вози како дел од Големата награда на Кина во Формула 1.
Хамилтон беше најбрз во спринт квалификациите со време од 1:30.849 минути. За британскиот возач ова е негова прва пол-позиција со италијанскиот тим на кој му се приклучи на почетокот на годината.
„Не го очекував овој резултат, но јас сум толку среќен и горд. Ја сакам оваа патека, Шангај е прекрасно место, времето е одлично и болидот оживеа од првиот круг“, изјави Хамилтон.
Втор беше актуелниот светски шампион Макс Верстапен од Ред Бул со 0,018 секунди заостанување, а третото место го зазеде Оскар Пјастри од Мекларен со 0,080 секунди заостанување.
Спринт трката е закажана за сабота во 04:00 часот по средноевропско време, квалификациите се закажани во 08:00 часот, а стартот на трката за Големата награда на Кина е в недела во 08:00 часот.