Саудиска Арабија го претстави дизајнот на новата тркачка патека наречена Qiddiya Speed Park Track, која треба да се најде во календарот на Формула 1 за 2027 година.
Патеката ќе биде изградена до забавен парк во близина на главниот град Ријад и ќе биде украсена со нереални детали. Највпечатлив меѓу нив е првиот свиок наречен The Blade, кој од земја ќе биде подигнат на висина еднаква на зграда од дваесет ката, додека под него ќе има локација за одржување концерти каде посетителите ќе се забавуваат кога ќе нема трки.
Треба да се каже дека не само возачите ќе имаат можност за брзо возење, бидејќи блискиот забавен парк Six Flags ќе го понуди Falcon’s Flight, највисокиот ролеркостер во светот.
Сè на сè, патеката Speed park ќе има промена на надморската височина од повеќе од 108 метри, а благодарение на променливата конфигурација на патеката, организаторите ќе можат да постават максимум 21 свиок.
Од Qiddiya Investment Company ветуваат дека, освен „дивите“ дизајнерски детали, патеката ќе обезбеди и одлични трки. Дизајнот го потпишува угледниот ветеран Херман Тилке, а својата професионална помош ја пружи и поранешниот Ф1 возач Алекс Вурц.
Организаторите ветија дека навивачите ќе можат лесно да ја следат трката благодарение на широкиот избор на седишта, како и на терасите на околните згради. На видеото се гледаат навивачите како ја гледаат трката од базен со стаклено дно.
Се очекува Qiddiya Speed Park да ја замени патеката во Џеда и да биде домаќин на Големата награда на Саудиска Арабија во 2027 година. Сепак, Саудиска Арабија изрази желба да организира две Ф1 трки во една сезона, доколку се постигне договор.
Во 2021 година, Саудиска Арабија потпиша 10-годишен договор за организација на трки во Ф1, кој на спортот му носи 55 милиони долари годишно, а е дел од спонзорство во вредност од повеќе од 450 милиони долари, обезбедено од саудиската нафтена компанија Арамко.