Двократниот олимписки првак во пливање, Французинот Јаник Ањел (33) ќе се соочи со судски процес под обвинение за силување малолетничка и сексуален напад, откако неговата жалба беше одбиена.
Адвокатите на францускиот пливач поднесоа жалба во мај, но судот во Колмар го отфрли неговото барање и нареди судењето да продолжи.
Ањел е осомничен дека во 2016 година имал врска со Наом Хортер, ќерка на неговиот тренер, која во тоа време била на 13-годишна возраст. Ањел тврди дека нивната врска била консензуална и љубовна. Тој првпат беше уапсен во декември 2021 година, а потоа призна дека имал врска со девојката.
Францускиот пливач освои два златни медали на 200 метри слободно и 4×100 метри слободно на Олимписките игри во Лондон во 2012 година. Од професионалното пливање се повлече во 2016 година.