Екипата на Олимпијакос ја заокружи четвртфиналната серија во евролигашкиот плеј-оф и славеше над Реал Мадрид со конечни 86-84, обезбедувајќи си пласман на завршниот турнир и шанса за нов трофеј од елитното натпреварување.
„Кралевите“ беа силно мотивирани после победата на минатиот меч, но грчкиот гигант беше одличен во скоро сите сегменти од играта, а триумфот беше заокружен во последната четвртина. На полувремето Реал водеше со пет поени разлика (47-42), но во вториот дел Олимпијакос прикажа поцврста игра во одбрана и комплетно се разигра во офанзива, а тоа се докажа со одличната серија од 9-0 на стартот на последните десет минути.
Чус Матео повика два тајм-аута, се обиде да ги смири своите играчи, но на другата страна беше одличниот Папаниколау, кој постигна дури четири тројки, а Саша Везенков делеше луцидни аситенции за своите соиграчи.
Најефикасен во победничкиот состав беше Еван Фурние со 23 поени, Папаниколау додаде уште 12, додека кај Реал Мадрид прво име беше Марио Хезоња со 21 поен.