Португалскиот стратег Жозе Мурињо, како што се и најавуваше, и официјално доби отказ од клупата на Рома, соопштија денеска од раководството на римската „волчица“.
Мурињо заминува од клубот по последната серија порази кои го заокружија незадоволството и меѓу навивачите и меѓу челниците на Рома.
„Рома може да потврди дека Жозе Мурињо и неговиот стручен штаб веднаш ќе го напуштат клубот“ – се вели во соопштението од Рома.
AS Roma can confirm that José Mourinho and his coaching staff will leave the club with immediate effect.
Further updates on the new First Team coaching staff will follow imminently.
📄 https://t.co/NtBTn4ugRm#ASRoma pic.twitter.com/HgkyuYEAb3
— AS Roma English (@ASRomaEN) January 16, 2024
Мурињо беше именуван за 60-ти тренер на „волчицата“ во историјата во мај 2021 година. Тој го предводеше тимот до титулата во Конференциската лига на УЕФА во мај 2022 година и до финалето на Лига Европа во Будимпешта минатата сезона.
„Би сакале да му се заблагодариме на Жозе во името на сите нас во Рома за неговата страст и напори од неговото доаѓање во клубот. Секогаш ќе имаме одлични спомени од неговиот мандат во Рома, но веруваме дека итна промена е во најдобар интерес на клубот. Им посакуваме се најдобро на Жозе и неговите помошници во идните кариери“ – рекоа Дан и Рајан Фридкин.
Како што пренесуваат италијанските медиуми, наследник на Мурињо се очекува да биде една од легендите на Рома – Даниеле де Роси.
Де Роси за Рома играше од 2001 до 2019 година и со Франческо Тоти е најголема легенда на клубот од овој век.
Настапи на вкупно 616 натпревари за „волчицата“ постигнувајќи и 63 гола и со 60 асистенции. Беше дел од италијанската репрезентација која во 2006 година ја освои светската шампионска титула на Мундијалот во Германија.
Де Роси е на почеток од својата тренерска кариера која ја започна есента 2022 година во второлигашот СПАЛ, но веќе во февруари 2023 година го напушти клубот.