Македонската фудбалска легенда Гоце Седлоски беше гостин на фудбалскиот А1 Подкаст „Инкубатор“ во Хрватска, каде говореше на повеќе теми, меѓу нив и двајцата носители на играта на Динамо Загреб, Стефан Ристовски и Аријан Адеми.
По дебаклот на „Олд Трафорд“ и поразот од 0-7, Ристовски се повлече од националниот тим, а неколку месеци подоцна истото го направи и Адеми. Седлоски смета дека е вистинска штета такви лидери да не играат за репрезентацијата.
„Штета што Ристовски и Адеми не играат за репрезентацијата, гледаме дека играат по 90 минути за Динамо Загреб. Се работи за врвни играчи кои доста години беа носители на македонската репрезентација и тоа се покажува на натпреварите во Динамо. Не за џабе имаат таков статус во клубот. Адеми подолго од мене остана во Динамо, Ристовски оди да ме стигне. Имаше некое несогласување во репрезентацијата, што било и како било не знам, прво Ристовски се повлече, па Адеми месец дена подоцна. Најдобро тие знаат да објаснат зошто е тоа така, но секако дека заслужуваат да играат, затоа што се врвни играчи. Но, за жал, не се таму, тоа нека го решаваат луѓето кои се во националниот тим“, изјави Седлоски.
Стефан Ристовски и Аријан Адеми со Динамо Загреб играат во Лигата на шампионите оваа сезона и се двајца од четирите наши репрезенти во елитното друштво.