Натпреварот меѓу Виљареал и Барселона, кој требаше да биде првиот официјален меч од Ла Лига на американско тло, е откажан само неколку недели пред закажаниот датум.
Организаторот “Relevent Sports” објави дека “поради моменталната неизвесност во Шпанија, нема доволно време за квалитетна подготовка на ваков настан”. Со тоа, пропадна проект кој требаше да ја отвори новата ера на шпанскиот фудбал надвор од границите.
“Би било неодговорно да се пуштат билети без потврден натпревар”, стои во соопштението на организаторите.
Но, додека “Relevent” зборува за одложување, Ла Лига јасно кажа дека настанот е откажан.
“Жалиме што проектот кој претставуваше историска можност за интернационализација на шпанскиот фудбал не може да продолжи”, се наведува во соопштението од лигата.