На прес-конференцијата по натпреварот во Ереван селекторот Благоја Милевски им честита на своите фудбалери и сите кои се заслужни за овој резултат.
„Честитки за мојата репрезентација, но и за противникот. Иако Ерменија имаше свои моменти, сметам дека Македонија заслужено победи. Можеби Ерменија беше поактивна во првиот дел, но немаше премногу шанси. Ние ги корегиравме нашите линии на полувремето и во продолжението бевме подобар противник.
Ме радува фактот што по моменти на конфузност и нервоза при посед на топка во првиот дел, се вративме на најдобар можен начин. Тимот беше тука да ги коригира грешките на инвидуалците. Тоа е таа енергија која го краси оваа селекција. Полека се доближуваме до целта да изградиме група на добри личности и одлични фудбалери. Со своите настапи во репрезентацијата нашите фудбалери испраќаат пораки и до своите тренери во клубовите. Некои тренери не можат и не сакаат да ги видат нивните квалитети. Девет од единаесет фудбалери не играат во континуитет во своите клубови и пак играат два натпревари во четири дена. Ме радува тоа што не примивме гол на три натпревари по ред и што имаме одличен дух и помагање меѓусебе. Им реков на фудбалерите дека позитивно се „ненормални“ како играат за Македонија.
Секогаш има простор за напредок, не се задоволуваме со ова што е постигнато. Секогаш ќе барам повеќе од себеси, од тимот и од поединците. Само така можеме да бидеме конкурентни во Лигата на нации и во евро-квалификациите. Можеби премногу барам на моменти, но само така можеме да напредуваме.
Критики секогаш ќе има, посебно треба да има критики за подобро на македонскиот фудбал. Но, тие критики само го мотивираат овој тим. По ремито во Скопје против Италија почнав да верувам во овој тим. Да се вратите по 7-0 во Манчестер против европскиот првак не е лесно. Тогаш решив да верувам во нив и нема никогаш да се откажам во нив. Тие секогаш се тука за Македонија, кога ги пренесуваат сите ваши замисли, не можете да не верувате во нив. Свесно тестиравме со моќни противници како Хрватска,Чешка, Црна Гора, Молдавија за да дојдеме до овој степен како во Лигата на нации. Свесно форсирав некои фудбалери против Англија, Италија, Украина за да добиеме фудбалери. Некои од тие натпревари и незаслужено ги загубивме, но еве нешто сега ни се враќа.
Победата ја посветувам на мојот тим, на стручниот штаб, на федерацијата за логистиката во цел овој период“, заврши Милевски.