Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски по објавувањето на списокот се обрати на јавноста и го образложи својот избор и зборуваше за следните предизвици.
„Што се однесува до списокот, нема поголеми измени од оние фудбалери кои ги завршија евро-квалификациите кои покажаа и докажаа дека имаат потенцијал да се тука и понатаму. Жал ми е што Дарко Велковски е без клуб и нема да биде во комбинација, Дени Илиев исто така нема да биде. Дебитант е Кристијан Трапановски кој со настапите за Данди Јунајтед заслужи да биде дел од тимот. Имавме разговарано и пред трансферот, ги следев неговите игри, а тој беше свесен дека има одредени недостатоци. Познавајќи го каков карактер е, на добар пат е да се наметне и во репрезентацијата. Неколку фудбалери од У21 селекцијата се потенцијални за повик во А-тимот. По крајот на нивните квалификации за ЕП, неколкумина од нив би требало да се приклучат во нашата репрезентација.
Фарски Острови се незгоден противник, кој игра агресивно и дисциплинирано. Се игра на вештачка трева и ќе мора да се навикнеме и на тој момент. Мора да сме на максимумот на можностите, сите ставени во функција на тимот, но со респект кон секој ривал. Ако сакаме да бидеме на висината на очекувањата, мора да биде така. Ривалите не се наивни, условите ќе бидат тешки и мора да се потрудиме максимално.
Уште по ждрепката кажав дека сме во група составена од тимови кои си ја гледаат својата шанса за пласман понатаму. Оваа Лига на нации е дел од битката за Светско првенство, не само за врвот во групата, а патот до таму е навистина тежок. Нè очекуваат противници кои се незгодни, физички супер-спремни, играат дисциплинирано со доста динамика, па ќе мора да го запазиме и тој момент. Се надевам дека сите фудбалери ќе ни бидат здрави. Мирен сум дека пред септемврискиот циклус речиси сите ги минаа подготовките и се максимално спремни, за разлика од јунскиот прозорец кој секогаш ни бил проблематичен.
Не ме загрижуваат лошите резултати, свесно ги одбравме ривалите за пријателските натпревари. Како селектор не бркам рејтинг преку Сан Марини и Андора битно ми е играчите да напредуваат преку квалитетни тестови со силни ривали. Иако ги загубивме двата натпревари против Чешка и Хрватска имаше позитивни, како и негативни работи. Не сум задоволен од натпреварите во јуни, за разлика од тие во март за кои немав што да замерам, освен за реализацијата. Ме води фактот и затоа списокот е каков што е, поради крајот на евро-квалификациите, во кој загубивме од Италија на гости и ремизиравме со Англија дома“, изјави Милевски.