Фудбал

Милевски: Дуелот со Лихтенштајн е најважниот за нас

Милевски: Дуелот со Лихтенштајн е најважниот за нас

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски да посакуваше немаше да добие поубав старт на новата репрезентативна сезона и квалификации за СП 2026 година.

Пријателскиот натпревар со Саудиска Арабија и квалификацискиот против аутсајдерот Лихтенштајн се следните предизвици за избраниците на селекторот Благоја Милевски.

Селекторот денеска го објави списокот на фудбалери за двата натпревари и ги најави натпреварите што се играат во септември.

„За жал не можевме да сметаме на Елези, поради повреда на рамото, се надевам дека нема да има потреба од операција. Исто така во списокот ги нема Манев и Ашковски што не значи дека нема да бидат повикани во следниот прозорец.

Натпреварот со Саудиска Арабија ќе го искористиме за проверка на она што го имаме како потенцијал, за оние играчи кои немаат поголема минутажа во националниот тим. Планираме да пробаме некои тактички варијанти, некои играчи ќе играат на неприродни позиции за нив. Ќе видиме дали тоа ќе вроди со плод и колку позитивно ќе донесат тие промени.

Вториот натпревар е можеби најважниот за нас во овој циклус на квалификации. Максимално го респектираме противникот, сериозно се подготвуваме и се надевам дека момците ќе бидат на висината на онаа што се бара од нив, како што беа и досега. Овој натпревар може да биде пресвртница во пресрет на октомвриските предизвици“, рече Милевски

Во списокот на Милевски се најдоа двајца дебитанти.

„Решат Рамадани со своите игри на меѓународна сцена со Шкендија сосема го заслужи овој повик. Таков тип на играч ни е потребен во националниот тим, но од него зависи колку ќе се наметне и колку ќе биде корисен. Ќе добие шанса за да докаже колку ќе биде тактички, физички и ментално спремен. Што се однесува за Растодер се надевам дека со него ќе добиеме  на квалитет во нападот. Игра одлично оваа сезона во Тун а ништо помалку квалитетни не му беа настапите и во минатиот шампионат“, додаде селекторот.

 

To top