Италијанците во 24 часа доживеаја нов кошмар од холандска екипа, бидејќи после Феенорд, големо изненадување режираше и ПСВ вечерва во Ајндховен.
Феенорд го елиминираше фаворизираниот Милан и се пласираше во осминафиналето, а идентичен успех направи и ПСВ по 120 минути игра на „Филипс стадионот“.
Јувентус пристигна во Холандија со предност од 2:1 и со цел да ја заврши работата од првиот меч, па иако гостите игледаа како тим кој ги контролира нештата во првиот дел, сепак не успеаја да зададат конечен удар.
Тоа го натера ПСВ да го подигне темпото и да го даде максимумот во вториот дел, а погодокот на Перишиќ за 1:0 предизвика ерупција на трибините и целосно го раздвижи натпреварот.
Јувентус брзо одговори и израмни на 1:1 преку Веа, но тимот од Торино некако остана без енергија во продолжение, па во целост ја препушти играта на домаќинот.
Храбрата игра на ПСВ вроди со плод и гол за 2:1 постигна Саибари, но домаќините не се задоволија со ова и со сета сила напаѓаа и по трет гол.
ПСВ не успеа да го направи тоа во регуларниот дел, но стигна до такво нешто во дополнителните 30 минути игра, и тоа после една пацерска реакција на Гати и Ди Грегорио.
Подарокот во гол го претвори Фламинго во 98-та минута, а истиот се покажа како пресуден за голем пласман во осминафиналето.
Покрај Јувентус и Милан, елиминација во Лигата на шампионите вчера доживеа и Аталанта, па ова беа два кошмарни дена за италијанскиот фудбал во целост.