Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола,се збогуваше со Кевин де Бруин, „моторот“ на сите големи успеси на клубот во изминатата деценија, а во исто време ги засили гласините за доведување на големо засилување на „Етихад“.
Кевин де Бруин денеска официјално соопшти дека по 10 години го напушта Манчестер Сити. Неговиот придонес во доминацијата на англискиот фудбал е неизмерен, а за Сити одигра вкупно 413 натпревари, постигна 106 гола и забележа 174 асистенции.
-Кога ќе го видите ова, веројатно разбирате што следува, па ќе бидам директен и ќе кажам дека ова ќе бидат моите последни месеци во Манчестер Сити. Ништо од ова не е лесно да се напише, но како фудбалери сите знаеме дека доаѓаат вакви денови. Тој ден дојде и вие заслужувате прво да го слушнете ова од мене, изјави Де Бруин во своето емотивно збогување.
Неговиот тренер Пеп Гвардиола ова го нарече „тажен ден“ и се прости од волшебникот кој не израдува со асистенции и додавања кои само тој ги гледаше и голови од далечина од кои тешко се избира најдобриот.
-Тажен ден! Среќен сум поради фактот што заедно го живеевме ова негово патување, што го гледав тоа што ни го даваше со својата хуманост. Не е неопходно да се зборува за неговите успеси со нас во последната деценија – невозможно е да се замислат без него. Тажен ден е затоа што еден дел од нас си заминува. Како кога Компани, Агуеро или Силва си заминаа. Нивниот придонес, има уште неколку имиња, но овие три се примери, изјави Гвардиола.
Шпанскиот менаџер додаде дека Де Бруин е еден од најголемите играчи од средниот ред во англискиот фудбал на сите времиња, кој секако е во жестока конкуренција, ако не и најдобар.
-Тој е еден од најголемите играчи од средниот ред кој некогаш дошол во оваа земја. Во Манчестер Сити нема сомнеж. Најголем или не, секогаш треба да бидете внимателни со сите големи момци таму, додаде Пеп.
Истовремено, само ги засили гласините во англиските медиуми дека неговата замена е веќе подготвена, а тоа е веројатно најбараниот офанзивен играч за врска на денешницата, Флоријан Вирц.
Повеќе од половина година се шпекулира дека Манчестер Сити е апсолутен фаворит за потписот на Флоријан Вирц од Баер Леверкузен за повеќе од 100 милиони евра, а бидејќи Де Бруин си замина од клубот, се зголеми просторот за негово доведување, а трансферот никогаш не бил поблиску.
Вирц има само две години од договорот со Баер и се чини дека е подготвен за поголем чекор, каков што би бил Манчестер Сити во овој момент. (МИА)