По елиминацијата од Босна и Херцеговина на пенали, легендарниот Ренато Гатузо ја презеде целата одговорност за тоа што „Азурите“ по третпат по ред нема да бидат дел од Светското првенство.
Иако Италија водеше со гол на Моисе Кин, црвениот картон на Бастони пред крајот на првиот дел го смени текот на натпреварот. Гатузо, сепак, одби да бара оправдувања.
” Овие момци не го заслужуваат ова. Нивниот труд, љубов и детерминација беа за чиста десетка. Горд сум на нив, но се чувствувам скршено. Ако денес ме прободете со кама, од мене нема да излезе ништо – мојата крв е веќе пресушена. Ова е голем удар за италијанското фудбалско движење и ужасно е чувство да се испадне на ваков начин“, изјави Гатузо.
„Не сакам да зборувам за судиите. Ова е фудбал – некогаш славиш, некогаш си поразен како денес. Лично им се извинувам на сите навивачи на Италија затоа што не успеав да ја однесам репрезентацијата на Мундијалот. Момците дадоа апсолутно сè на теренот, бевме во ровови, под опсада, но на крајот не издржавме“, додаде селекторот.
На прашањето дали ќе поднесе оставка или ќе продолжи на функцијата, тој остана воздржан: „Да се зборува за мојата иднина денес е сосема неважно. Единствено важно беше да се пласираме на Светското првенство. Боли, разочарани сме“.