Тренерот на Барселона Ханси Флик брзо мораше да ги пренасочи силите и размислувањата кон големото „Ел Класико“ дерби во домашното првенство и можеби решавање за шампинската титула во оваа лига.
– Добивме тежок удар, цел свет знае дека не е лесно по елиминацијата од Интер, но се чувствуваме добро. Добро работевме овие денови, зборувавме за тоа што се случи и зборувавме за тоа што треба да направиме во завршните две недели. Не очекуваат четири натпревари, а следниот е најважен. „Ел Класико“ е најважниот меч за сите, за нас и за Реал Мадрид. Имаме голема самодоверба и играчите се чувствуваат добро.
Титулата во домашното првенство е онаа која секогаш е најчесна и најфер. Играш 38 натпревари и треба да покажеш дека си најдобар на долг рок. Ако пристигнеш прв на крајот, тоа значи дека праведно си најдобар.
Сите играчи влегуваат со голема енергија, ќе влеземе во натпреварот без да размислуваме дека имаме предност од четири бода. Се концентрираме да дадеме се од себе, одиме на три бода. Не се грижам за состојбата на табелата, се грижам само за победата, – изјави Германецот кој со победа и дефинитивно ќе биде многу блиску до трофејот во домашното првенство.