Турското претседателство официјално објави дека шефот на државата Реџеп Таип Ердоган ќе пристигне во Германија на саботниот четвртфинален натпревар на Европското фудбалско првенство меѓу Турција и Холандија.
Натпреварот ќе се игра во Берлин со почеток во 21 часот, а следува по дипломатскиот инцидент меѓу Германија и Турција што се случи поради реакцијата на турскиот фудбалски репрезентативец Мерих Демирал за време на осминафиналето против Австрија.
Турција победи со 2-1, а двојниот стрелец Демирал вториот гол го прослави со гест кој крена голема прашина.
Демирал со високо кренати раце имитираше глава на волк, гестикулирајќи знак кој се поврзан со „Сивите волци“, ултранационалистички огранок на Партијата за националистичко движење (МХП), која е коалициски партнер на турската владејачка партија АК, предводена од претседателот Ердоган. Во Германија, потегот на Демирал беше осуден како расистички.
Германските медиуми објавија дека УЕФА со санкционирала Демирал со два натпревари, но Фудбалската федерација Турција доцна синоќа ја демантираше информацијата која ја објави весникот „Билд“, наведувајќи оти истрагата сè уште е во тек.