Стрим-платформата „Нетфликс“ го објави првиот кус трејлер за минисеријата од жанрот политички трилер – „Ден нула“ (Zero Day). Таа е создадена од Ерик Њуман, Ноа Опенхајм и Мајкл С. Шмит, а во режија на Лесли Линк Глатер. Во главните улоги се најдоа Анџела Басет и Роберт де Ниро кој го глуми Џорџ Мулен – замислениот претседател на Соединетите Американски Држави.
Минисеријата ќе има премиера на „Нетфликс“ на 20 февруари 2025 година, со сите епизоди достапни за гледање веднаш.
Во шест епизоди, гледачите ќе ја проследат приказната за претседателот кој е соочен со задачата да ги пронајде сторителите на разорниот кибернапад којшто предизвикал хаос во САД и илјадници смртни случаи. Тука се и дезинформациите како еден од најголемите непријатели, покрај технологијата, „Волстрит“ и личните амбиции на неколку моќници во Владата.
Споредните улоги глумат Џеси Племонс, Лизи Каплан, Кони Бритон, Ден Стивенс, Метју Модин, Џоун Ален и други познати глумци.