Неколку големи новински агенции повлекоа фотографија дистрибуирана од Кенсингтонската палата на која се прикажани Кејт, принцезата од Велс и нејзините деца, велејќи дека веруваат дека фотографијата е изменета.
Тоа беше првата официјална фотографија на принцезата откако имаше на абдоминална операција во јануари, а беше објавена по неколкунеделни шпекулации за тоа што се случува со неа и во услови на зголемен број теории на заговор за да се скрие нејзината вистинска здравствена состојба.
„Ви благодариме за добрите желби и поддршката во изминатите два месеци“, се вели во објавата во неделата.
Што е спорно за фотографијата?
Си-Ен-Ен побара коментар од Кенсингтон палатата. Во првичниот преглед на фотографијата, Си-Ен-Ен идентификувале најмалку две области каде има простор за потенцијално манипулирање – манжетната на ракавот на принцезата Шарлот и патентот на левата страна од јакната на принцезата од Велс.
Три големи меѓународни новински агенции, исто така, соопштија дека пронашле докази за манипулација.
Асошиетед прес забележа дека „при поблиска проверка, се чини дека изворот манипулирал со сликата“. Агенцијата Франс прес соопшти дека ја повлекла фотографијата поради „уреднички проблем“.
Ројтерс забележа дека ракавот не бил правилно подреден, што сугерира дека фотографијата е изменета. Тие изјавија дека не знаат како, зошто или кој ја направил промената.
АП, исто така, укажа на „неконзистентност во усогласувањето“ на раката, велејќи дека сликата е манипулирана „на начин што не ги задоволува стандардите на АП“.
Повеќето фотоагенции и новински организации имаат строги правила против објавување фотографии кои се претерано уредувани или изменети.
Отстранувањето на елементи од фотографијата или нивното додавање е строго забрането бидејќи ја поткопува довербата во сликата и кредибилитетот на информативната компанија дури и ако тие не се извор на промените.
Нова главоболка за кралското семејство
Агенциите, исто така, често користат специјализиран софтвер за проверка на фотографиите за да утврдат дали има докази за манипулација. Развојот на вештачката интелигенција во последниве години го олесни создавањето на веродостојни лажни фотографии и видеа, што создава дополнителни тешкотии за медиумските организации вклучени во верификацијата.
Новинските агенции ја отстранија последната фотографија од принцезата, со што му создадоа нова главоболка на кралското семејство кое се обидуваше да ги смири теориите на заговор и шпекулациите кои експлодираа на интернет по операцијата на Кејт.
Палатата Кенсингтон во јануари соопшти дека принцезата (42) најверојатно нема да се врати на јавните обврски до Велигден на крајот на март. Од палатата не ја открија причината за операцијата, но беше соопштено дека не е од канцерогени причини.
Сепак, нејзиното долго отсуство од јавноста ги подгреа гласините на интернет и меѓународните медиуми.
Повлекувањето на принцот Вилијам од важен семеен собир претходно овој месец без јавно објаснување и други инциденти во кралското семејство дополнително ги поттикнаа шпекулациите.
Признание од Кејт
Принцезата од Велс предмалку се огласи на Х, откако сите светски медиуми пишуваат за манипулативната фотографија. Кејт призна дека, како што вели, повремено експериментира со уредување на фотографиите.
-Како и многу фотографи аматери, повремено експериментирам со уредување. Сакам да се извинам за каква било конфузија што ја предизвика семејната фотографија што ја споделивме вчера. Се надевам дека сите што слават имаа среќен Ден на мајката. К, стои во објавата на официјалниот профил на принцот и принцезата од Велс.