Во јавноста се појавија детали од поканата за свадбата на Џеф Безос и Лорен Санчез. Дел од свадбената покана на Безос и Санчез, која беше испратена до гостите во мај пред претстојната свадба на двојката во Венеција, е добиена од ABC News.
Поканата содржи илустрации на птици во лет, пердуви, пеперутки и гондолиери. Додека позадината на поканата е целосно бела, нејзините украси имаат светло розови и сини детали.
Двојката ги замоли гостите да не носат никакви подароци.
„Возбудени сме што ќе ни се придружите! Имаме едно барање: молиме, без подароци“, се вели во поканата. „Наместо тоа, даваме донација во ваша чест и со благодарност што патувате да прославите со нас во Венеција“, се вели во поканата.

„Донациите во ваше име се насочени кон канцеларијата на УНЕСКО во Венеција за заштита на незаменливото културно наследство на градот, кон CORILA за обновување на виталните лагунски живеалишта што ја штитат иднината на Венеција и кон Меѓународниот универзитет во Венеција за поддршка на истражувањето и образованието за одржливи решенија“, напиша двојката.
Тие открија зошто ја избрале Венеција
Безос и Санчез објавија и колку е важна нивната свадбена дестинација за нив.
„Ова магично место ни даде незаборавни спомени“, напишаа тие, додавајќи дека се надеваат дека Венеција ќе продолжи да „инспирира чуда за генерациите што доаѓаат“.
Детали за свадбата
Двојката беше фотографирана како излегува од брод во Венеција и пристигнува во луксузниот хотел Аман, кој го резервираа целосно за таа пригода. На Големиот канал е подигнат приватно пристаниште за одбрани гости, кои ќе уживаат во луксузот на 24 големи соби, резервирани од среда до крајот на викендот.
Луксузната прослава, која според некои извори чини дури 20 милиони долари, ќе трае три дена. Започнува со неформално собирање во четврток навечер, 26 јуни, во дворот на црквата Мадона дел’Орто, која моментално е под скеле за реставрација, предизвикувајќи потсмев од локалното население кое шпекулира дека Безос и Лорен го резервирале просторот гледајќи слики на Гугл, несвесни дека камбанаријата е во процес на реставрација.
Забавата ќе продолжи во петок, 27 јуни, кога е планирана официјалната венчавка на островот Сан Џорџо Маџоре, а ќе настапи Матео Бочели, синот на познатиот тенор Андреа Бочели.
Граѓаните против Безос
Саботата е резервирана за вечера, првично планирана во зградата на Скуола векија дела Мисерикордија, но преместена во Арсеналот на Венеција, поранешно бродоградилиште трансформирано во импозантен простор за настани. Во меѓувреме, кејот пред црквата Мадона дел’Орто, како и пристапите до каналите Брацо и Деи Мути, ќе бидат блокирани, ефикасно затворајќи дел од градот.
Оваа „приватизација“ на Венеција предизвика бурни реакции во италијанската јавност и парламентот. Пратениците од опозицијата, главно од партиите на центарот и зелените, ги обвинуваат властите дека го „продале“ градот на Безос и дека трошоците за обезбедување на луксузната свадба, вклучувајќи ги прекувремените часови на полицијата и блокадите на сообраќајот, ги плаќаат даночните обврзници.
Организаторите на свадбата и градската администрација не ги коментираа овие обвинувања, а дополнителна горчина предизвика веста дека организаторот ненамерно го открил списокот на гости додека го носел во рацете, што им даде на медиумите увид во многу детали.
Противниците на свадбата најавија протести и планираат да ги блокираат каналите со играчки, гумени крокодили и маски за нуркање, надевајќи се дека ќе ги нарушат луксузните водни таксиња и ќе ја испратат пораката дека Венеција не е на продажба.